Ракометарите на Металург вечерва на гости кај ПИК Сегед

Македонскиот ракометен вицепрвак „Металург“ вечерва во 19 часот го игра реванш дуелот од квалификациите за влез во групите од Лигата на шампионите против унгарски ПИК Сегед.

Нашиот тим има предност од 10 голови, по победата на првиот дуел во средата во Скопје со 26:16.

Избраниците на тренерот Лино Червар за Унгарија заминаа во петокот, за да бидат одморени во еден од клучните дуели за сезоната.

Победникот од овој двомеч за противници во групата ќе ги има европските великани Барселона, ПСЖ, како и македонскиот првак Вардар, швајцарскиот шампион Вакер Тун и победникот од дуелот Динамо Минск - Татран Прешов.

На чекор до пласман во групите од Лигата на шампионите е и Констанца на екс селекторот на Македонија, Звонко Шундовски и на репрезентативецот Бранислав Ангеловски. Романскиот првак вчера во Порто, го победи Волендам со 34:25 (Ангеловски стрелец на два гола), а денеска ќе игра против Порто во рамки на една од трите квалификациони групи.

Денеска ќе бидат познати и сите учесници во групите откако ќе завршат квалификациските натпревари.

01.09.2013 - 12:24
Фото: 
kajgana.com

најчитано сега