СДСМ и ДУИ со остри критики на говорот на Иванов - за ВМРО-ДПМНЕ државнички
Заемно прифатливото решение за името мора да го почитува нашиот национален идентитет. Не може да се лицитира со идентитетот на граѓаните и уставното име на државата. Јас не сум ниту оптимист, ниту песимист, туку реалист со искуство, порача вчера претседателот Ѓорге Иванов на традиционалното годишно обраќање во Собранието на Република Македонија, говорговорејќи за прашањето околу разликата со нашиот јужен сосед.
Тој во говорот се осврна и на принципите на професионалност, одговорност и меритократија за кои посочи дека треба да бидат главен белег во дипломатијата. Во однос на Законот за јазиците рече дека тој не преставува закана по македонскиот јазик, туку дека преставува закана по унитарноста на државата.
Според него, членство во НАТО и пристапни преговори со ЕУ се единствен начин Македонија да се врати во нормала. Врховниот командант нагласи дека се залага за зголемување на буџетот на Армијата на два отсто, со што ќе се подобри животниот стандард на припадниците на Армијата и ќе се спроведе нејзиното модернизирање.
Претседателот Иванов пред пратениците порача дека предложените законските решенија за следење на комуникациите не ја острануваат можноста за злоупотреба и несовесно работење и дека жариштето на секоја политичка криза е лоцирано во Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка
Тој побара одговорност од оние кои предизвикуваат штети генерирајќи лажни вести во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи бидејќи, според него, лажните вести се основа за тензии и конфликт.
Наместо политички прогон, освета и реваншизам, претседателот Иванов побара помирување. - Треба да внимаваме правдата да не ја сведеме на политички реваншизам и лична одмазда, бидејќи одмаздата води кон нова одмазда, порача тој алудирајќи на притворените за настаните од 27 април во Собранието на РМ.
Претседателот во говорот побара спроведување итни и строги мерки за заштита на животната средина и здравјето на луѓето, а се осврна и на проблемот со насилството врз жените, пришто порача дека се додека се врши насилство врз понежниот пол, праведно општество не може да има.
По говорот на Иванов се огласија партиите меѓу кои СДСМ и ДУИ кои го критикуваа обраќањето на претседателот, додека за ВМРО-ДПМНЕ тој изнел сопствено гледиште за актуелни теми во изминатата година. Со реакција се јави и Владата на РМ која пак сметаат дека Иванов место за обединување, упатил пораки за натамошни делби.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа