Таравари: Ќе бидеме позитивни опозиционери

 

Алијансата за Албанците ќе остане конструктивна и по излегувањето од Владата ќе гласа за сите закони кои се важни за интеграциите на државата во Европската унија и НАТО, за општеството и за граѓаните, рече генералниот секретар на партијата и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари во вечерашната емисија „Ноќно студио“ на ТВ Телма.

По денешната најава на лидерот на неговата партија Зијадин Села дека остануваат во владината коалиција до донесување на законот за употреба на јазиците, Таравари кажа дека во Владата влегле со кренати глави и оти сакаат да излезат повторно горди. 

- Животот продолжува, таква е политиката. Одиме во опозиција и со најголема гордост ќе продолжиме да бидеме позитивни опозиционери за општеството,  наведе Таравари и додаде дека нивните двајца пратеници ќе гласаат за законите што се за доброто на граѓаните и државата и оти ќе ги критикуваат сите слабости и недостаоци на Владата.

Не прецизираше дали би коалицирале со БЕСА, а не исклучува можност за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, ако, како што рече, „успеат да се повлечат од груевизмот и да почнат да се однесуваат реформски“.

-  Ние сме отворени  за комуникации и со СДСМ, и со ДУИ, и со БЕСА,  и со ВМРО, со сите партии, рече Таравари.

Понуденото вицепремиерско место за реформи во Владата, според Таравари, е нешто непостоечко и на предлог на лидерот на ДУИ Али Ахмети, а со цел, како што рече, да бидат понижени и да одбијат да бидат во Владата.

 

 

 

25.12.2017 - 22:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега