ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Еден кандидат за нов лидер, усвоена анализата за локалните избори
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Централниот комитет дискутираше и околу актуелната политичка состојба и катастрофалните политики на актуелната власт.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ги потврди точките кои ќе се дискутираат на претстојниот вонреден Конгрес кој треба да се одржи денес и утре во Валандово.
-Членовите на Централниот комитет беа информирани дека согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ доставил целосна документација до Правната комисија при партијта. Втората кандидатура била нецелосна, односно со неа не е доставена листа на најмалку 30 потписи од делегати кои ја поддржуваат кандидатурата. Централниот комитет ја разгледа и усвои анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работеше поширок тим. Истата анализа со одредени сугестии и дополнувања ќе биде доставена на идното раководство на партијата како би се корегирале пропустите во иднина, информираат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Централниот комитет дискутираше и околу актуелната политичка состојба и катастрофалните политики на актуелната власт.
-Во недостаток на проекти кои би биле од полза на граѓаните и се поочигледниот економски колапс со кој се соочува државата, власта својата неспособност и деструкција ја покрива со политички прогон и одмазда. Централниот комитет ги осуди конструираните случаи за наводен тероризам, неоснованите притвори и нехуманите услови во кои власта ги држи сите оние кои не се плашеа гласно да се спротистават на антидржавните политики на хунтата, наведуваат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа