Мицкоски поднесе кандидатура за лидер на ВМРО-ДПМНЕ: Подавам рака за обединување

 

Мицковски се огласи на Фејсбук и напиша дека ќе поднесе кандидатура за лидер на ВМРО-ДПМНЕ:

„Никогаш, никогаш нема да се откажеме", велеше Черчил. И така е. Во минатиот период Република Македонија поминува низ сериозна бура, пропратена со сериозни предизвици, на економски, политички, општествен план. Македонија е зафатена од перманентна политичка криза, чиј крај не се надзира, економија која е на стаклени нозе, мало стопанство кое е во фаза на клиничка смрт, здравство за кое во јавноста се зборува само кога се бележат уништени човечки животи, млади кои немаат надеж, култура во која поделбите и рушењето стануваат главен императив, на сметка на дадените ветувања кои не се исполнуваат. Погледнете, во општеството не се говори за реалните проблеми, за економијата, за концепти кои ќе ја однесат државата напред, но затоа власта се пресметува со опозицијата, политичкиот реваншизам станува алфа и омега на политичкото делување. А граѓаните бараат излез. Главното прашање кое пристигнува овие денови до мене е што сега? Во изминатиот период голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, но и огромен број на обични граѓани ми изразија поддршка и охрабрување да превземам чекор. И јас, со чиста мисла, со голема верба, и со отворено срце ќе ја прифатам одговорноста да поднесам кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се избере на 16тиот конгрес во Валандово. Ова за мене лично е една од најсериозните одлуки во животот, целосно разбирајќи ја тежината, честа, но и одговорноста да се води партијата која е вградена во кодот на македонецот и македонската држава и која ќе остане еден од главните темели на нашата татковина. Никогаш во животот не сум бегал од предизвици, а овој, можеби е мојот најголем, и јас тој го прифаќам. Како човек можев да одберам да останам професор на мојот факултет, или пак да продолжам да работам и творам во научната област каде имам долгогодишен минат труд, но како граѓанин на оваа земја не можам да останам рамнодушен на болното секојдневие на македонскиот граѓанин, на неговите реални потреби. Човек не е среќен кога секојдневието е исполнето со несигурност и нестабилност, кога земјата која толку многу ја сакаш оди во погрешна насока. Кога пријателите, соседите, обичните граѓани ги живеат заедничките проблеми. И затоа време е за одлуки, јас цврсто верувам дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор кој ги има одговорите кои Македонија ќе ја направат попресперитетна, напредна, угледна, достојно место за живот кое ќе понуди сигурност и посветла иднина за секого. А ВМРО-ДПМНЕ како и за многу мои сопартијци е нашата младост, нашиот дом, а нејзините идеи, наши водилки. Мојата кандидатура е широко понудена рака за секој еден кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија. Јас имам план. За нова надеж за нашата татковина, силна и достоинствена!

Со почит,
Христијан Мицкоски

 

 

 

21.12.2017 - 16:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега