Владата подготвува оригинална и невообичаена прослава на 8. септември

 

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска најави дека одбележувањето на големиот државен празник 8 Септември - Ден на независноста, ќе помине во знак на спортот.

-Владата на Република Македонија, во соработка со спортските федерации од земјата и со спортските работници на кои во приликава им истакнуваме голема благодарност за ангажманот и поддршката, одлучи оваа година одбележувањето на овој голем празник Денот на независноста да биде во знакот на спортот, со голем број на спортски активности, во различни спортови, од кои дел се редовни спортски активности, а дел се спортски активности смислени и кои ќе бидат изведени за оваа намена. За таа цел започнувајќи од утре, сабота, 31-ви август до 8-ми септември во Република Македонија ќе се организира Недела на спортот, најави денеска Ѓорѓиев.

 

Како што објасни портпаролот на Владата, целта на оваа Недела на спортот од една страна е да се одбележи независноста со настани кои се од една битна општествена област која промовира здрав систем на вредности, а од друга страна да се популаризира спортот, да се даде внимание и уважување на спортистите кои го промовираат спортот и ја промовираат земјата и да се насочат младите на што поголемо учество во спортските дисциплини и на рекреативно и на професионално ниво.

 

-Затоа во Неделата на спортот се предвидени поголем број на настани кои ќе се одржуваат секој ден во главниот Град Скопје и во сите градови и општини во државата, за што истакнуваме благодарност до градоначалниците за нивното учество во овој проект, како што се Ден на спортот, Ден на фудбалот, спортски турнири на ученици и млади луѓе, ревијални натпревари на јавни личности и слично... Некои активности ќе се одвиваат на целата територија на земјата, како што се велосипедска трка низ Македонија, спортски караван од познати спортисти кои ќе одат во градовите, пливачки маратони и слично,истакна Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев најави дека посебен акцент ќе биде ставен на обезбедување на полно внимание и масовност на граѓаните на редовните спортски натпревари како што се фудбалскиот натпревар Македонија – Велс, ракометниот натпревар Вардар – Металург, и проследување на кошаркарските натпревари на нашиот национален тим на европското првенство во кошарка во Словенија за што ќе се организираат фан зони во сите градови на земјата.

 

 На Денот на независноста ќе има и музички концерт со познати изведувачи од земјата кој ќе се одржи на плоштадот Карпошово востание.

 

Владата ги повикува сите граѓани на Република Македонија да се вклучат во прославата, да ги проследат настаните, да слават за независноста, сите граѓани на Република Македонија независно од националноста, верата, возраста, полот или политичката припадност да се обединат во мислите, срцата и вредностите и да прослават за Република Македонија. Оттаму најавуваат дека ќе биде спроведена и посебна кампања во средствата за информирање чиј слоган е „Нашето единство, наша победа!“, информира Ѓоѓиев.

 

-Ништо не може повеќе да не зближи, да не израдува и да не направи единствени како што тоа го прави спортот. Спортот не прашува како изгледаш, кој јазик зборуваш и која религија почитуваш. Едноставно ја сплотува нацијата кога таа е во исчекување на заедничкиот успех. А за тој успех може секој да придонесе. За тој успех секој има заслуга, од спортистите па се до навивачите. И кога напорно тренираме и кога пред телевизорите навиваме ние даваме дел од себе кој е клучен за заедничката победа. Спортот гради здрава нација промовирајќи натпреварувачки и победнички дух. Токму затоа оваа година најголемиот државен празник - 8 Септември, Ден на независноста на Република Македонија ќе го дочекаме со спортски дух и победничко срце преку организирање на еднонеделна манифестација со најразлични спортски активности. Да ја поддржиме неделата на спортот и да го дадеме нашиот придонес за заеднички успех, а 8-ми Септември да го дочекаме во духот на спортот, дружењето, почитувањето и заедничката соработка, рече денеска Ѓорѓиев.

 

 

 

 

 

 

30.08.2013 - 15:32

најчитано сега