Средба Заев-Сијарто: Унгарија ги поддржува интеграциите на Македонија во ЕУ и НАТО

Унгарија ги поддржува интеграциите на Република Македонија во ЕУ и НАТО, кои се важни за безбедноста и развојот на земјата, но и на целиот Западен Балкан, порачал унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на денешната средба со премиерот Зоран Заев.

На средбата на македонскиот премир со Сијарто присуствувале и министерот за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар на МНР, Виктор Димовски.

Премиерот Заев посочил дека очекува 2018 година да биде значајна за Република Македонија, во евроинтеграциите преку добивање датум за преговори, како и покана за НАТО.

- Евро-атланските интеграции за граѓаните на Македонија значат безбедност и сигурност, но и отвораат економски перспективи. Во таа насока ја поздравувам поддршката на Република Унгарија во име на Владата и граѓаните на Република Македонија, истакнал Заев.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, станало збор за унапредувањето на економската соработка помеѓу Македонија и Унгарија, преку инвестиции во енергетиката, животната средина, банкарството.

Се разговарало за важноста на градење на европските коридори, што треба да значи подобра инфраструктура, но и олеснето движење, значајно за трговските односи, како и за важноста од железничко поврзување на регионот.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, оценил дека контактите на политичко ниво помеѓу двете држави придонесуваат за интерес на унгарските компании за инвестирање во Македонија. Тој додал дека унгарската Влада ја следи реализацијата на реформскиот План 3-6-9 којшто, како што е оценето, бележи прогрес, што исто така влијае на развојот на економската соработка, како и на европските и евро-атлантските интеграции.

На средбата се разговарало и за важноста од заедничко справување со предизвиците од мигрантската криза.

 

 

 

18.12.2017 - 15:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега