Средба на Анѓушев и Бектеши со Сијарто: Со заедничка работа до повисока економска соработка

 

Можностите за интензивирање на економска соработка меѓу Македонија и Унгарија биле една од главните теми на денешната средба на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто.

Притоа, како што соопшти кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, било констатирано дека постои голем простор за зголемување на истата.

Вицепремиерот го информирал министерот Сијарто дека Владата во многу скоро време ќе донесе документ, што ќе претставува нова Владина програма за економски развој, во кој ќе бидат инкорпорирани сите мерки за поддршка на домашните и странските компании.

- Кога ги креиравме мерките од Планот за економски раст, се водевме тие да овозможат намалување на невработеноста и подобар животен стандард на граѓаните на Република Македонија. Владата ќе овозможи поддршка од 20 проценти од нето платата, на компаните кои ќе исплаќаат 50 проценти повисока плата од минималната, со која ќе се поттикне растот на просечните плати. Воедно за секоја нова инвестиција ќе обезбедиме 10 проценти поддршка од инвестицијата и дополнителни 10 проценти доколку инвестицијата се однесува за зголемување на конкурентноста на странски пазари, потенцирал Анѓушев.

За мерките да се реализираат со предвидената динамика, посочил тој,  потребно е да биде обезбедено владеење на правото, инвеститорите да се чувствуваат сигурни за направените инвестиции, како и стабилна политичка состојба во државата.

Министерот Сијарто изразил интерес за проекти од енергетскиот сектор, како и во проекти за управувањето со водните ресурси.

Министерот за економија Бектеши, пак, ја истакнал потребата за одржување на четвртата по ред Мешовита комисија помеѓу  Република  Македонија  и  Унгарија, во првата половина на 2018 година.

- Потребно е интензивирање на соработката  во сите области, особено во  туризмот помеѓу двете земји, за да се зголеми  бројот на унгарски туристи во Македонија  и македонски во Унгарија. Енергетиката останува една од главните области за поинтензивна соработка, а спремни сме да им даваме севкупна помош на унгарските компании кои се заинтерсирани да инвестираат во Македонија, во слободните економски зони и вон нив, рекол Бектеши, информирајќи дека Мешовитата комисија од македонска страна ќе ја предводи државниот секретар на министерството за економија Зоран Павловски.

 

 

 

18.12.2017 - 15:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега