Прилепчанки подготвуваат над 60.000 посни сарми за „Свети Никола“

Во манатирот „Свети Димитрија“ во прилепското село Селце, прилепчанките денеска ги приготвуваат традиционалните мали посни сарми за прославата на патрониот празник на градот „Свети Никола“.

Во весела атмосфера, посветено и со добра мисла, велат членките и домаќинките од здруженијата „Мајка Традиција“ и „Преродба“, за прославата на светецот заштитник на Прилеп ќе приготват преку 60.000 посни сарми.

- Малите посни сарми кои секоја година ги виткаме со посветеност и љубов се посебни зашто се приготвуваат за славата на Прилеп, најпозната која и семејно ја прославуваат половина прилепчани, а се вели, другата половина им одат на гости. Посните сарми влегоа и во Гинисовата книга на рекорди. Нема голема тајна, но најбитно е киселата зелка да е добро „сторена“, да има убав ориз, црвен пипер. Се виткаат со големина на лешник и се варат тивко со масло и вода. И мора да речам, никаде нема вакви посни сарми како во Прилеп, објаснува Панда Ризоска од здружението „Мајка традиција“.

Прилепчанките кои денеска ги виткаа посните сарми ги посети градоначалникот Илија Јованоски кој нагласи дека Прилеп останува да ги негува своите традиции.

- Вредните прилепчанки секоја година се покажуваат во одржувањето на традицијата, особено со приготвувањето на посните сарми. Како локална самоуправа напоменувам дека традициите ќе продолжат да се одржуваат, зашто оваа слава им е многу значајна на прилепчани. Оваа традиција значи заедништво, почит кој светецот заштитник, кон граѓаните и почит за целиот град, вели Јованоски.

За Љубица Петреска, претседател на здружението „Мајка традиција„ и за Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружението „Преродба“ најбитно е што сите се дел од зачувувањето на убавата традиција која им се пренесува на новите генерации.

 

 

 

17.12.2017 - 15:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега