Бумчи: Албанија го користи уставното име на Македонија

 

Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи. Двете земји делат заедничка перспектива за членство во ЕУ,  а преминувањето на границата со лични карти од страна на нивните граѓани е придобивка којашто треба да ја имаат сите држави во регионот, оценија албанскиот министер за надворешни работи Алдо Бумчи и  неговиот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

- Билатералните односи се пример за добрососедство. Ние во нашите билатерални односи ја имаме признаено Република Македонија под уставното име и јас тука го користев името Република Македонија. Што се однесува до прашањето на името, тоа е билатерално прашање. Ние ќе ја почитуваме волјата на Македонија како и на Грција и ќе го почитуваме договорот којшто тие ќе го постигнат, рече Бумчи.

Во однос на пишувањата на грчките медиуми дека до 5 мај истекува рокот кога треба да се даде одговор на последниот предлог на медијаторот Нимиц за спорот со името и до каде е македонскиот одговор на тој предлог, министерот Попоски рече дека станува збор само за медиумски шпекулации.

- Не постои никаков рок кој е поврзан со датум кој го спомнавте или некој друг рок. Она што е во реалноста е дека Нимиц има комуникација, дека сака да се придвижи процесот. Тоа е наш интерес. Имаме многу причини зошто да сакаме тоа да биде изведено на еден нормален начин. Од наша страна сме целосно посветени на процесот, ги имаме исполнето сите оние критериуми кои се меѓународно преземена обврска, сакаме да имаме отворен дијалог со нашиот јужен сосед и мислам дека доколку таква посветеност видиме и во Атина тогаш сликата навистина би била подобра околу европските и евроатлантските интеграции. Тоа очекуваме да го видиме. Во однос на можноста за натамошна зголемена комуникација, од наша страна за тоа постои целосна посветеност, но се разбира ова е дијалог во кој имаме две страни и тоа очекуваме да биде пресликано и од другата страна, рече Попоски.

- Религиозната хармонија во Албанија како и односот кон етничките малцинства е дел од нашиот кодекс. Тоа е една постојана вредност која што ја имаме, која ја почитуваат сите граѓани и е широко позната. Ние имаме одлични односи со македонското малцинство. Албанскиот парламент, како што знаете, едногласно го усвои барањето на локалното население Ликенас да се преименува во Пустец. Ние ја почитувавме нивната волја и можам да кажам дека односот со локалните органи, но и на регионално ниво е одличен, рече Бумчи.

ФОТО:Сител 

 

најчитано сега