Паско Кузман: Да ги испразниме црквите пред други да ги испразнат

- Подобро е да се испразнат црквите и да се знае точно каде се иконите, отколку да се испразнат црквите и да не се знае каде исчезнале иконите, вели во интервјуто за Прес24, Кузман. Иако веќе извесно време тој, министерството за култура и МПЦ работеле на оваа идеја, сепак вели дека кај селските црковни одбори постои отпор.

- Тие се противат, можеби со право, но истовремено не се кадри да ги заштитат “своите“ икони. Драстичен пример за тоа е Лазарополе. Имено, по грабежот на иконите од црквата во Тресонче, отидовме, ние од Управата, владиката Тимотеј, еден историчар на уметноста (д-р Сашо Цветковски) и еден претставник од Црковниот одбор на селото Лазарополе – кај директорот за државна безбедност г. Љупчо Тодоровски. Таму, покрај другото, се договоривме да организираме (заедничка) акција и да ги собереме сите значајни преостанати икони од црквите во Југозападна Македонија и да ги депонираме на сигурно место: или во манастирот „Св. Јован Бигорски“ или во просториите од надлежната епархија во Охрид. На тоа силно се спротистави претставникот од Црковниот одбор на црквата од Лазарополе, г. Арсо Глигуровски. Без обѕир на тоа, ние решивме тоа да го изведеме, ако треба и со придружба на полициска придружба. Но, неколку денови потоа, кај директорот на Управата за заштита на културното наследство (т.е. кај мене) дојде претседателот на Црковниот одбор од Лазарополе, г. Блаже Смилевски и донесе писмо (бр. 13-1122/1, заверено во Управата) со кое се известува дека Црковниот одбор не се согласува со таквата намера и дека нема да дозволат тоа да се изведе, туку тие самите презеле мерки (обезбедување на вратите, видео надзор, челичен сеф и др.) и со тоа одговорноста ја преземаат тие. Десеттина или нешто повеќе денови од десеттина, се случи ограбувањето на иконите од црквата во Лазарополе, вели за Прес24, Паско Кузман.

Обвинувањата дека Управат не води доволно грижа, според Кузман се паушали и доаѓаат од оние кои не ги познаваат ингеренциите на институциите.

- Јас не сакам да оптужам никого, но исто така не сакам да бидам оптужуван со крајна дрскост од непознавачи на состојбите, особено не од оние кои не ги познаваат надлежностите на надлежните институции. Ќе кажам кратко, од аспект на грижата и заштитата за која е надлежна мојата институционална припадност: Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура на РМ и надлежните стручни институции се надлежни за КОНЗЕРВАТОРСКАТА ЗАШТИТА на црквите и манастирите (и тоа го правиме, онолку колку што е во можност државата), а што се однесува до ФИЗИЧКАТА ЗАШТИТА, простете, тоа не е надлежност на Управата и на институциите, вели Кузман за Прес24, потенцирајќи дека каков било видео надзор во Црквите и манастирите нема да ги спречи грабежите.

-Според мене, нема фајде од видео надзори во тие селски средини, алармни системи или слично. Тоа се празни работи. Најголем проблем се празните села, без жители, цркви без верници, или цркви со „сезонски верници“. Тоа е суштинскиот проблем, објаснува во Интервјуто за прес24, Паско Кузман.

Податокот од 20 000 отуѓени икони од македонските цркви и манастири со кој оперираат некои медиуми, Кузман вели дека е многу стар и се однесува не само по независноста, туку и на времињата од пред Втората светска војна.

-Последниве четири години од крадците се однесени 400 икони, а пет години пред тоа не сме имале ниту една евидентирана кражба, вели Кузман, потенцирајќи дека е убеден оти  тие можеби сé уште се складирани на некои тајни места во земјата, но целта е, во погодни моменти, да се изнесат надвор од државата и да завршат на црниот пазар во странство.

-Јас лично мислам и убеден сум дека се работи за една единствена организирана група која е поврзана со други елементи во странство, вели Паско Кузман во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Македонските цркви и манастири, особено во западниот дел на државата веќе извесно време се најлесен плен. Последната кражба се случи неодамна. Македонското вредно културно наследство исчезнува, а како никој за тоа да не води грижа во Македонија?

КУЗМАН: Водат грижа, само секој според своите можности, а очигледно, тоа не е доволно. Ако секој кој е надлежен да се грижи, тоа го прави максимално и ревносно, тогаш мислам дека сé ќе биде во ред, но тоа, пак очигледно, не се случува. Зошто е тоа така, сигурно има многу причини. Актуелните (ограбените) цркви имаат, генерално, три вида на грижа и заштита: заштита од Црквата (МПЦ-ОА) како имател, заштита од државата (надлежните институциите и полицијата) и заштита од народот (Црковни одбори). Сите тие се грижат за заштитата онолку колку што можат, колку што знаат и колку што мислат дека знаат. Бидејќи секое организирано општество функционира во рамки на закони, прописи и правила, па оттука и Македонија, ако сме организирано општество, а сме, функционира во такви рамки. Јас не сакам да оптужам никого, но исто така не сакам да бидам оптужуван со крајна дрскост од непознавачи на состојбите, особено не од оние кои не ги познаваат надлежностите на надлежните институции. Ќе кажам кратко, од аспект на грижата и заштитата за која е надлежна мојата институционална припадност: Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура на РМ и надлежните стручни институции се надлежни за КОНЗЕРВАТОРСКАТА ЗАШТИТА на црквите и манастирите (и тоа го правиме, онолку колку што е во можност државата), а што се однесува до ФИЗИЧКАТА ЗАШТИТА, простете, тоа не е надлежност на Управата и на институциите. Тоа беше така, ама во претходниот систем (тогаш не беше Управата, ама беа институциите). И тогаш тие се грижеа и за физичката заштита  на оние цркви и манастири кои беа културно наследство на државата. Во помалите цркви позначајните  икони се одбележуваа со бројки и со кратенката СК (споменик на културата) и се оставаа во црквите. За да биде појасно, особено за медиумите кои ги прозиваат “кривците“, ќе ги посочам следните паралелни состојби: според законите и законските прописи имаме профано културно наследство, односно имаме и приватни куќи и поголеми станбени објекти во кои живеат луѓе, приватни дуќани и др. кои се со закон прогласени за културно наследство. Сопствениците имаат „привилегија“ да живеат и да работаат во тие заштитени објекти, но не можат да вршат неконтролирани градежни интервенции. Можат, но со закон пропишани процедури. Државата, каде што може, преку институциите помага, меѓу другото, и финансиски. И, што мислите, кој треба и кој може да се грижи за ФИЗИЧКАТА ЗАШТИТА на тие споменици на културата?  физичката заштита на тие објекти е, секако на оние кои живеат во тие објекти, или на оние кои ги користат  тие објекти. Тоа е така. А друго е, што треба сите да соработуваме и да се помагаме. Оти, сé е наше (ние сме НЕГОВИ!), особено културното наследство. Во таа смисла, загрижени од настаните во последните неколку години, пред извесно време се договоривме со надлежниот митрополит на Дебарско-кичевската епархија Г.Г. Тимотеј и со координирана акција собравме 340 икони од селските цркви, ги депониравме и така ги заштитивме. Но притоа, како што веќе е познато, во одредени села имаше силен отпор од претставниците на Црковните одбори. Тие се противат, можеби со право, но истовремено не се кадри да ги заштитат “своите“ икони. Драстичен пример за тоа е Лазарополе. Имено, по грабежот на иконите од црквата во Тресонче, отидовме, ние од Управата, владиката Тимотеј, еден историчар на уметноста (д-р Сашо Цветковски) и еден претставник од Црковниот одбор на селото Лазарополе – кај директорот за државна безбедност г. Љупчо Тодоровски. Таму, покрај другото, се договоривме да организираме (заедничка) акција и да ги собереме сите значајни преостанати икони од црквите во Југозападна Македонија и да ги депонираме на сигурно место: или во манастирот „Св. Јован Бигорски“ или во просториите од надлежната епархија во Охрид. На тоа силно се спротистави претставникот од Црковниот одбор на црквата од Лазарополе, г. Арсо Глигуровски. Без обѕир на тоа, ние решивме тоа да го изведеме, ако треба и со придружба на полициска придружба. Но, неколку денови потоа, кај директорот на Управата за заштита на културното наследство (т.е. кај мене) дојде претседателот на Црковниот одбор од Лазарополе, г. Блаже Смилевски и донесе писмо (бр. 13-1122/1, заверено во Управата) со кое се известува дека Црковниот одбор не се согласува со таквата намера и дека нема да дозволат тоа да се изведе, туку тие самите презеле мерки (обезбедување на вратите, видео надзор, челичен сеф и др.) и со тоа одговорноста ја преземаат тие. Десеттина или нешто повеќе денови од десеттина, се случи ограбувањето на иконите од црквата во Лазарополе. Ете, толку за тоа “како никој да не води грижа во Македонија“, што, со обѕир на настаните, изгледа како навистина да е така.    

ПРЕС24: По серијата кражби, министерството за култура и управата пред два дена соопштија дека ќе се дислоцираат вредните предмети и икони од црквите кои се потенцијална мета. Но дали тоа е вистинскиот начин да се заштити културното наследство?

КУЗМАН: Изгледа дека нема друг подобар пристап кон таа работа. Подобро е да се испразнат црквите и да се знае точно каде се иконите, отколку да се испразнат црквите и да не се знае каде исчезнале иконите.

 

ПРЕС24:  Ако добро се сеќавам еден период постоеше идеја да се направи музеј на Македонската православан црква, односно на Охридската Архиепископија, зошто таквата идеја никогаш не се реализираше? Така веројатно денеска немаше да зборуваме за исчезнати икони, крстови.. ?

КУЗМАН: Таа идеја се провлекува долго време, ама, како и за многу други работи кај нас, тоа не се спроведува. Никогаш не се спроведе ни идејата за отворање на Музеј на исламската уметност во Македонија. Изгледа дека свеста на нашето општество не е стигната до тоа ниво. Некои мислат дека тогаш уште повеќе Црковните одбори ќе се спротивстават и нема да дозволат иконите од нивните цркви да бидат експонати во Музеј. Во Охрид и порано се заговараше да се отвори Црковен музеј на Македонија (сегашната епархиска зграда во комплексот „Св. Богородица Перивлепта“, претходно Музејот на словенска писменост кој долго време беше затворен), а сега се планира да се изгради музејска зграда за тие потреби јужно веднаш до епархиската.

ПРЕС24:  Господине Кузман, како да се спречи пустошењето на македонските цркви и манастири? Очигледно е дека ниту државата, а ниту црквата нема механизам?

КУЗМАН: Механизми секако дека постојат. Само ние додека се договориме кои од нив да ги примениме, оние „другите“, веќе наголемо работаат. Да сме вкупно посилни, ќе ги средиме прво тие „нашите“, „ортаците и јатаците“, а потоа и оние „другите“. Еден ден, верувам, и тоа ќе се случи. Дотогаш, треба навистина да ги прибериме вредностите и да ги депонираме на посигурни места, но, со заедничка согласност на одговорните чинители. Според мене, нема фајде од видео надзори во тие селски средини, алармни системи или слично. Тоа се празни работи. Најголем проблем се празните села, без жители, цркви без верници, или цркви со „сезонски верници“. Тоа е суштинскиот проблем.

ПРЕС24:  Македонската православна црква постојано потенцира дека тие не се во можност да ги заштитат иконите и вредните предмети и дека тоа е обврска на државата. Што може управата за заштита на културното наследство да направи?

КУЗМАН: Значи ако постојано се потенцира дека „не сме во можност да ги заштитиме иконите и вредните предмети...“, тоа и значи дека сме ослободени од одговорноста? Тоа можеме сите да го повторуваме, па така никој да не е одговорен. Управата за заштита на културното наследство, без разлика на законските надлежности, еве, упорно ќе настојува да се организира привремено депонирање на позначајните иконописни дела од црквите во Западна Македонија. Истовремено веруваме дека сосем блиску е истрагата зад петиците на организираната група која ги реализира кражбите. Второ: предлагам од претставници на МПЦ-ОА, од претставници на државната управа (МК-Управа за заштита на културното наследство и МВР) и од неколку други структури од општеството, да се формира национално тело за заштита на културното наследство, со оперативно-стратешки принадлежности.

ПРЕС24:  Има ли управата прецизни податоци колку икони изминативе  дваесетина години се украдени од македонските цркви и манастири?

КУЗМАН: Податокот од „20 000 отуѓени икони од македонските цркви и манастири“ со кого оперираат некои медиуми, е многу стар (своевремено тоа го изнесе д-р Коста Балабанов), но тоа се однесува не само на „нашето време“, туку и на времињата од пред Втората светска војна. Последниве четири години од крадците се однесени 400 икони, а пет години пред тоа не сме имале ниту една евидентирана кражба.  

ПРЕС24:  Каде завршуваат овие вредни предмети? На црниот пазар во Македонија или надвор од државата?

КУЗМАН: Убеден сум дека тие можеби сé уште се складирани на некои тајни места во земјата, но целта е, во погодни моменти, да се изнесат надвор од државата и да завршат на црниот пазар во странство. Не се исклучени и врски со соседните земји, според мене.

ПРЕС24: Симптоматично во сите овие случаи е што крадците веројатно ја знаат вредноста и ги крадат само оние икони и предмети кои имаат голема уметничка вредност?

КУЗМАН: Сосем е извесно дека во „оперативната група“ е вклучено лице со одредени познавања на вредностите од иконописните дела. Кое и какво би можело да биде тоа лице, ќе се дознае  откако ќе заврши целата оваа „приказна“

ПРЕС24:  Во јавноста постои сериозен сомнеж дека сите овие кражби и препродавања на вредни предмети не се можни без логистика одвнатре?

КУЗМАН: Бидејќи и јас сум дел од јавноста, се придружувам кон вкупното мислење.

ПРЕС24:  Дали овие кражби се дел од организиран ланец или пак, се поединечни случаи?

КУЗМАН: Јас лично мислам и убеден сум дека се работи за една единствена организирана група која е поврзана со други елементи во странство.

ПРЕС24:  МПЦ постојано потенцира дека не постои начин црквите и манастирите да бидат осигурани, дека осигурителните компании не можат да направат проценка на вредноста. Но, сепак кога државата изложува икони и вакви предмети во светските метрополи, тогаш се прави осигурителна проценка.

КУЗМАН: Јас ништо друго нема да кажам, освен ставот на сите „заштитари“ дека културното наследство е бесценето. Ако ние мора да кажеме цена, тогаш кажуваме што повисоки цени, но тоа не му одговара на оној што треба да го осигура тоа културно наследство. За да се осигура многу вредно културно наследство, потребни се многу пари, кои од една страна одговара на осигурителните компании заради поголема заработка, но не одговара на оние кои треба да ги обезбедат тие пари. Затоа МПЦ „постојано потенцира“. Иконите што се испраќаат на изложби во светските метрополи се осигуруваат од осигурителните компании на земјата која е организатор на изложбата за времето додека престојуваат таму. Македонија, притоа, едвај успева да го осигура транспортот на истите тие вредности, бидејќи се работи за енормно високи суми, дури тоа често се остава на шпедитерските куќи, кои се снаоѓаат на некои нивни начини.

ПРЕС24: Што станува со останатите артефакти пронајдени како дел од архелошките локалитети. Колку тие се заштитени?

КУЗМАН: Тие се во музејските депоа или се изложени во музејските витрини и главно добро се заштитени.

ПРЕС24:  На кои локалитети во моментов се работи? Голем дел од археолошките ископувања беа стопирани по почетокот на светската економска криза. Каква е сега состојбата?

КУЗМАН: Се работи на оние локалитети за кои сметаме, од разни аспекти, дека се најзначајни. Тоа се: Стоби, Хераклеја Линкестис, Исар Марвици Некрополите, Баргала, Кокино и Мрдаја-Дојран. Истовремено се вршат и интензивни истражувачки, козеравторски, реставраторски и ревитализаторски активности на Скопската тврдина Кале и на „Светиклиментовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид. На Скопската тврдина се реализира проектот за конзервација, ретставрација и реконструкција на отомански објект и кулата бр. 3 од рановизантиски период, кои заедно се планира да бидат Музеј на отомански период на Калето. До него, од јужната страна, ќе биде реконструиран месџит. Истовремено тече тендерот за конзервација, реставрација и реконструкција на една праисториска куќа-земуница која ќе биде приспособена за Музеј на праисторискиот период на Калето. Паралелно, по извесно време, ќе продолжиме со реконструкцијата на црквата која, како што се знае, ќе биде приспособена за Музеј на средновековниот период на Калето. 

ПРЕС24: Што станува со возобнувањето на Светиклиментовиот Универзитет на Плаошник?

КУЗМАН: На обновувањето на „Светиклиментовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид, по поголем застој од речиси две години, интензивно се работи, првенствено на објектите Б и В (Музеј на Плаошник, Светиклиментова библиотека, Македонски институт за хуманистички науки) – западно и северозападно од Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“ и на монашките конаци со резиденцијалниот црковен објект – источно и североисточно од Светиклиментовата црква. Истовремено се интервенира конзерваторски на археолошко-архитектонските остатоци кои се неизоставни придружни вредности, од кои дел ќе бидат презентирани внатре во објектите (главно остатоците од Светиклиментовите манастирски конаци), а дел се конзервираат за да бидат заштитени и презентирани надвор од објектите. Всушност ќе имаме една исклучително занимлива симбиоза на вредности кои ги врзуваат времињата и на вредности кои го спојуваат просторот во една целина.

ПРЕС24:   Како тече потрагата по гробот на Александар Македонски. Велат, Паско Кузман само откривањето на гробот на Александар ќе го признае за голем успех?

КУЗМАН: Откривањето на гробот на Александар ќе биде светски успех, бидејќи Александар бил светски човек-Бог. Затоа откривањето си бара и СВЕТСКО ВРЕМЕ. Тоа ќе дојде, еден ден... Идеализацијата не е само моја, туку е на сите народи од планетата Земја. 

најчитано сега