Иванов ја почна посетата на Бразил - утре отворање на македонската амбасада

 

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов официјалната посета на Бразил, ја почна со средба со Пауло Скаф, претседател на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло, најголема стопанска комора во Латинска Америка.

На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, биле размененети мислења за севкупните билатерални односи меѓу  Македонија и Бразил и можностите за соработка во сите сфери од заеднички интерес, особено во контекст на економската соработка и трговската размена.

Иванов истакнал дека Македонија има интерес за развој на билатералните односи со Бразил, како најголема земја во Јужна Америка, членка на БРИКС и Г20, една од најбрзорасрастечките економии во светот и земја која е стратешки партнер на Европската унија.

- Од интерес на Република Македонија е двете земји да ја продлабочат економската соработка и да ја зголемат трговската размена, да се овозможи директна комуникација меѓу стопанствениците од двете земји и да се разгледаат можностите за бразилски инвестиции во Република Македонија, порачал претседателот Иванов.

Во таа насока, било посочено на потребата од воспоставување правна рамка на билатералните односи и регулирање на договорната состојба

Иванов го истакнал отворањето на резидентна амбасада во Бразилија како јасен знак за интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката со Федеративна Република Бразил.

На средбата Скаф на Иванов му доделил Орден за заслуги, високо признание што го доделува Федерацијата на индустрии на Сао Паоло.

Во рамки на посетата на Федерацијата на индустрии на Сао Паоло, шефот на македонската држава одржал средба и со Стефан Салеј, директор за депарментот за трговија и надворешни работи на ФИЕСП. 

Според агендата, претседателот Иванов утре во Бразилија со највисоки државни почести ќе биде примен од претседателот на Федеративна Република Бразил, Мишел Темер, а ќе присуствува и на свеченото отворање на Амбасадата на Република Македонија во Бразилија, прва резидентна македонска Амбасада во Латинска Америка. 

 

 

 

11.12.2017 - 15:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега