Конгрес: 544 делегати ќе имаат право на глас за избор на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ

100 членови на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучиле партијата да го свика највисокото партиско тело, Конгресот на 22 и 23 декември во Валандово.
Ваквата одлука била донесена откако долгогодишниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски поднел неотповиклива оставка.

 

Против свикување на Конгресот гласал само 1 член а десетмина биле воздржани.
Со тоа, Централниот комитет на партијата решил да се оди на Конгрес на кој право на глас ќе имаат 544 делегати.
Генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски рече дека нивните имиња ќе бидат објавени на веб страната на партијата по завршувањето на седницата на Централниот комитет.

Иако не може да се добие официјална потврда од партијата, се очекува на Конгресот да биде и отворена темата за измени во Статутот. Партиски извори велат дека ова е тема која подолг период се дискутирала во партијата и дека има генерален став дека се потреби измени на Статутот. Се очекува да се направи реорганизација на начинот на раководење на партијата која треба да ја зголеми нејзината функционалност. Се очекува покрај нов лидер, да се изберат и потпретседатели, а да се зајакне и улогата на партиските тела.
Сепак она што ќе биде интересно е името на новиот лидер. Со оглед на тоа што веќе се знае дека партијата ќе бара ново име за челната позиција, се очекува во периодот до 2 дена пред Конгресот да почнат да се поднесуваат и кандидатурите. Филип Петровски веќе побара место во трката. Таму се очекува да биде и генералниот секретар Христијан Мицкоски кој не крие дека размислува да влезе во изборната трка.
Антонио Милошоски, Илија Димовски и Никола Попоски од Извршниот комитет на партијата исто така се споменуваат како најсериозни кандидати за наследници на Груевски. Надвор од партиските тела се спомнува и името на политичкиот аналитичар Александар Пандов, кој порано беше пратеник во Собранието од редовите на оваа партија, а во јавноста беше препознатлив и како член на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).
Официјалниот список се очекува да го добиеме на 22 декември, ден пред одржувањето на Конгресот.
Новиот лидер ќе биде третиот во историјата на ВМРО-ДПМНЕ. Првиот, Љубчо Георгиевски со партијата владееше 13 години од 1990 година, главно во опозиција. Една година подолго на чело на партијата се задржа Груевски. Од нешто над 14 години, Груевски речи 11 ги помина на власт. 

 

 

 

10.12.2017 - 21:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега