Таравари го оспорува изборот на претседател на општински совет - ДУИ обвинуваат за непочит кон граѓаните

Продлжуваат препирките околу изборот на претседател на советот на општина Гостивар. На денешната прес-конференција, Насер Муслиу од ДУИ кој беше избран за претседател на своетот обвини дека градоначалникот Таравари не дозволува процедурите да се спроведат до крај.

Од кабинетот на Таравари потврдуваат дека е донесено решение за запирање на објавувањето на Одлуката за избор на Претседател на Советот на општина Гостивар, бидејќи не е донесено во согласност со Законот за локалната самоуправа, Статутот на општината, како и Деловникот на Советот.

- На Конститутивната седница на Советот, предлогот дојде од Комисијата за верификација, мандатни прашања, избори и именувања, која според Деловникот на Советот на општина Гостивар, не е надлежна за предлагање на кандидат за претседател на Советот на Општината, се наведува во писмената реакција на општина Гостивар.

Од ДУИ обвинуваат дека градоначалникот Таравари освен што не ја почитува волјата на граѓаните, тој не ги почитува законите. 

- Грубо се прекршени и законите во овој случај. Решението со кое го оспорува изборот на претседател на советот од страна на мнозинството се носи по истекот на рокот од 7 дена и дополнително закаснување од десет дена, рече Насир Муслиу претседател на советот на општина Гостивар.

Тој го обвини градоначалникот Таравари дека со решението не ја почитува волјата на граѓаните со тоа што ја оспорува одлуката на мнозинството во Советот на општината за избор на претседател на советот.

Пред речиси еден месец на 17 ноември на конституивната седница на Советот на општината, која беше прекинувана во неколку наврати. Со мнозинство гласови 16 за и два воздржани, во отсуство на членовите од ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата за Албанците, Беса и ДНЕТ, беше избран претседател на Советот на Општината.

Во писменото обраќање од градоначалничкиот кабинет велат дека наскоро ќе се формира ново мнозинство и граѓаните на Гостивар ќе имаат два функционални органи на единицата на локалната самоуправа, односно градоначалник и совет, кои ќе ја одразуваат слободната волја на граѓаните на Општина Гостивар. 

 

 

 

 

07.12.2017 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега