Собраниска седница за имунитетот на шесте пратеници

 Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 25. седница за симнување на имунитетот на шестмината пратеници од коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ поради притвор за насилните настани на 27 април во Парламентот.

За симнување на имунитетот потребно е просто мнозинство односно 61 глас. Со ова ќе заврши постапката предвидена со Деловникот на Собранието и Уставот за симнување на пратеничкиот имунитет на Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски.

Извесно е дека Собранието ќе им го симне имунитетот на пратениците, но и покрај тоа тие, според македонската легислатива и Уставот, ќе останат на пратеничката функција се додека евентуалната пресуда на Кривичниот суд не стане правосилна и ако пратеникот е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Заседанието на Парламентот за симнување на имунитетот, спикерот Талат Џафери го закажа откако вчера Комисијата за деловничко и мандатно - имунитетни прашања со поединечно гласање одлучи да им го симне имунитетот на шестмината пратеници.

На седницата присуствуваа пратениците од СДСМ, како и неколкумина од ДУИ и Беса.

Народните избраници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратениците за чиј имунитет се расправаше иако поканети не присуствуваа на седницата.

Единствен кој се обрати на седницата беше пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ, кој кусо оцени дека настаните од 27 април биле напад врз демократијата и уставниот поредок на земјата и обид за загрозување на животот на пратениците од тогашната опозиција. Институциите на Република Македонија, според него, имаат целосен кредибилитет, должност и одговорност до крај да го расчистат овој случај за правдата конечно да излезе на виделина и кривичните дела од ваков карактер никогаш да не се повторат. Ситуацијата, додаде тој, е многу чиста, фактите се очигледни, аргументите се поголеми од сите нас.

- Лично уште кога се избираше Владата на Република Македонија им простив на нашите колеги пратеници, на сите оние што учествуваа на овој настан, затоа што човечки е да се прости, затоа што ни самите тие не биле свесни во каква игра биле ставени и што се можеше да се случи, но видов дека и тие никогаш нема да простат на оној кој им дал наредба да се впуштат во нешто од кое ќе се срамат и ќе се каат целиот свој живот, истакна пратеникот од СДСМ.

 

 

 

01.12.2017 - 08:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега