Тилерсон: Македонија е на добар пат да биде успешен пример за регионот

Македонија е на добар пат да биде успешен пример за регионот, а САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бараат начини да помогнат, му порача на вчерашната средба во Вашингтон американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Тилерсон ја поддржа реформската агенда во Македонија, повикувајќи ја Владата да истрае во нејзиното спроведување.

Последната средба на шеф на македонска дипломатија со американски државен секретар се одржа во 2008 година, кога тогашниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски се сретна со поранешната американската државна секретарка Кондолиза Рајс.

Димитров даде осврт на актуелните политички состојби во Македонија и во регионот, а исто така го запозна Тилерсон и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција. 

На панелот со тема „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“ на кој учествуваа и Хојт Брајан Ји, Енвер Хоџа и Астрит Истрефи, а го модерираше Јануш Бугајски Димитров говореше за актуелните состојби во Република Македонија, со посебен акцент на надминувањето на разликите околу името со Грција.

Шефот на македонската дипломатија оствари средба и со експертите за регионот Даниел Сервер, Едвард Џозеф и Мајк Халцел, како и со Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет на САД, со кои разменија мислења за актуелностите и перспективите на регионот. 

Во текот на последниот ден од работната посета на Вашингтон, предвидени се средби со советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Х.Р. МекМастер, претставници на Конгресот на САД, како и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт. 

 

 

 

30.11.2017 - 09:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега