Во дебарската гимназија се запишале половина од предвидениот број ученици
Во дебарската гимназија „Здравко Чочковски“ во двата уписни рока, во прва година се запишале половина од предвидениот број ученици.
Според Конкурсот на Министерството за образование, право на упис имаа 340 завршени осмоодделенци на македонски и на албански наставен јазик.
- Од предвидените 136 ученички места (четири паралелки, од нив една во село Могорче, сите гимназиска насока) за настава на македонски наставен јазик пополнети се само 56, што значи само две паралелки.За албански наставен јазик квотата изнесуваше 204 ученици (пет паралелки гимназиска и една градежна насока), а запишани се само 110 ученици или три паралелки, сите гимназиска насока, а за градежната не се пријавил ниту еден ученик. Уписот продолжува до почетокот на учебната година, па се надеваме бројот да биде поголем, вели Шабан Алајбегу, секретар на гимназијата.
Дебарските осмоодделенци, последните години, како резултат на фактот што државата го плаќа нивниот престој во интернат, во се поголем број се запишуваат на средни стручни училишта, медициските, економските и техничките, главно во Струга, Охрид, Тетово, Гостивар и во Скопје.
Малиот број ученици се должи и на масовната миграција, поради која се помалку деца има и во основните училишта.