Македонската култура ќе се промовира во Марсеј и Ница

 

 Македонската култура по Истанбул, Талин и Марибор, годинава ќе биде претставена и на манифестацијата Марсеј-европска престолнина на културата“ со изложба на 5 септември на традиционални носии и накит на НУ Музеј на Македонија, а неколку уметници од Македонија 7 до 15 септември ќе учествуваат на 7.Франкофонски игри во Ница.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска на прес-конференција рече дека продолжува традицијата на претставување на македонската култура во градовите кои се европски престолнини на културата.

- Оваа изложба која веќе успешно беше претставена и во Брисел оваа година ќе биде извонредна можност посетителите во Марсеј да се запознаат со македонското богатство на различностите, со препознатливите вредности на рачно изработени македонски носии со богат колорит и везени декорации кои ја отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи. Отворањето на изложбата ќе биде збогатено со настапот на Зоран Маџиров, истакна Канческа Милевска.

Таа потенцира деја Република Македонија од 2006 година е официјално членка на меѓународната организација на Франкофонијата и учеството е убава можност, како што рече, да дадеме придонес во остварувањето на целите на организацијата и развивањето на дијалогот меѓу културите.

- Својата креативност и инвидидуалност пред жирито и своите колеги од 70 земји од светот ќе ја презентираат уметникот Ѓорѓе Јовановиќ (фотографија), Горан Менков (сликарство), Ана Ивановска (скулптура-инсталација), Индиго квартет и Искра Шукарова (танци), Студио Брејк а лег (хип-хоп) и друпата Д-Џон (музика), рече Канческа Милевска.

Нагласи дека сите овие активности кои ќе се реализираат во Марсеј и Ница се доказ за одличната соработка меѓу Македонија и Франција и изрази надеж дека и во иднина заеднички ќе се реализираат уште многу проекти.

- До крајот на 2013 година многу институции, здруженија и поединци ќе ја претставуваат Република Македонија во странство. НУБ „Св.Климент Охридски“ ќе биде комесар на претставувањето на РМ на Саемот на книгата во Белград, Македонската опера ќе гостива во Џакарта со што ќе се одбележи 20-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи со Индонезија, Народниот театар од Битола ќе гостува во Санта Барбара-Калифорнија, КЦ „Квартет“ ќе гостува во Лондон, Ансамблот за народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“ ќе има свој настап во Италија, итн., рече Канческа Милевска.

Како држава, додаде министерката за култура, поседуваме навистина богато културно наследство и актуелно творештво и токму затоа целта е да бидеме континуирано и видливо присутни во сите светски центри, на сите настани од областа на културата, на реномираните манифестации и фестивали.

В.д.амбасадорот на Франција Карен Роше се заблагодари за целокупната поддршката која министерката Канческа Милевска ја дава за сите нивни проекти.

Директорот на Музејот на Македонија, Перо Јосифовски истакна на изложбата насловена „Народни носии и накит од Македонија“ ќе бидат претставени накит и носии од 12 региони.

- И оваа изложба спаѓа во поскапите. Тоа е тоа што е изворно, направено од наши луѓе, тука произведено, рачна изработка. Носиите ги прават жените, додека накитот е занаетчиска изработка, главно од сребро во комбинација со драги камења, кој бил за свечени пригоди, за украсување на облеката итн., додаде Јосифовски. 

29.08.2013 - 13:07
Фото: 
mia.mk

најчитано сега