Министрите и новиот Јавен обвинител чекаат: Каква игра игра собраниското мнозинство

 

Недостаток на мнозинство во Собранието или политичко тактизирање. На безмалку месец дена по крајот на локалните избори, две министерски и една заменичка канцеларија на Илинденска си ги чекаат своите домаќини.
Арбен Таравари стана градоначалник на Гостивар па сега е празно неговото место во Министерството за здравство. Празна е и фотелјата без ресор на Рамиз Мерко кој стана градоначалник на Струга.

Политичките игри и калкулации на владината коалиција отворија серија шпекулации во јавноста, особено по коалицијата на Алијансата со опозициската БЕСА во пресрет на вториот круг од локалните избори. Токму тоа беше причина да почнат меѓусебните препирки на релација Села – Ахмети кои не штедеа тешки зборови. Развојот на настаните покажа дека нивните недоразбирања се далеку подлабоки од она што се нарекува предизборна кампања и меѓусебни обвинувања во жарот на изборната трка.

И денеска ако прашате функционер на ДУИ, речи си извесно е дека ќе ви одговори дека не сака да биде со Алијансата во иста Влада. Но Премиерот побара ладни глави кои резултираа со изјава и на Села но и на Заев дека Алијансата останува во Владата.

Но веднаш по тоа Алијансата и БЕСА во заедничка изјава директно го обвинија Министерот за внатрешни работи дека имал своја улога во преземањето на мнозинството на Советот во општина Гостивар од страна на СДСМ и ДУИ.

Актуелниот распоред на силите во Собранието во моментов не ја доведуваат во прашање поддршката за Владата на Заев. По преминувањето на еден од пратениците на ГРОМ во редовите на СДСМ и откако еден од пратениците на Алијансата му откажа послушност на Села, мнозинството на Заев останува на 61 пратеник. Во такви услови, СДСМ и ДУИ имаат очигледен проблем да обезбедат мнозинство за закани за кои е потребен 61 глас, а без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ретко кога и ќе имаат кворум за работа, со оглед на тоа е доволно еден од пратениците на мнозинството да има обврски надвор од Собранието или пак да биде на боледување и работите тапкаат во место.
Од ДУИ пред неколку дена излегоа со став дека и пратеници и групата на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаа за нив но до овој момент тоа се уште се нема случено.

Во меѓувреме покрај министрите, пред Собранието чека и новиот Државен јавен обвинител што е само уште еден прашалник зад дилемата, дали собраниското мнозинство има мнозинство.

Уште една можна причина е тактизирањето на владините партнери околу изборот на нови кадри на Илинденска. Се уште нема прецизна информација дали Заев ќе предложи нови имиња само на испразнетите места или ќе се оди на поширока реконструкција на неговиот кабинет со оглед на тоа дека ДУИ има серија забелешки на тоа Алијансата повторно да има министер за здравство. 

 

 

 

20.11.2017 - 11:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега