Груевски-Корадо: Мексико и Македонија може да бидат сојузници во иднина

Мексико и Македонија се многу слични земји, земји во развој коишто сакаат да ги подобрат условите за живот на своите граѓани. Затоа сме посветени на стабилноста, макроекономската политика, политики за подобрување на степенот во образованието и здравството, истакна претседателот на Сенатот на Соединетите Мексикански Држави, Ернесто Корадо на синоќешната средба со македонскиот премиер Никола Груевски, во Мексико Сити.

На средбата, како што соопшти денеска владината прес-служба, беа констатирани добрите односи кои владеат помеѓу двете земји и беше изразена подготвеност за нивно натамошно продлабочување и унапредување.

 Беше оценето дека двете земји можат да постигнат многу поголема економска соработка и трговска размена за што во наредниот период ќе следува интензивирање на комуникациите помеѓу државните институции. На институционално ниво ќе бидат разработени специфични области во кои може да се оствари конкретна соработка.
  
Премиерот Груевски ги презентираше реформите кои се спроведуваат во нашата земја и ги акцентираше реформите кои се спроведуваат за подобрување на деловната клима и амбиентот за водење бизнис за чии што ефекти говорат и подобрувањата на позициите на Република Македонија на меѓународните светски листи и индекси за оценка.

Претседателот на Сенатот Корадо позитивно ги оцени нашите реформи и изрази признание за напредокот на Република Македонија на меѓународните светски листи и индекси за економија. Тој ги посочи македонскиот даночен пакет и ниските трошоци за водење бизнис како верификувани компаративни предности на нашата земја за привлекување странски инвестиции.

 

најчитано сега