Подготвен проектот за реконструкција на опожарениот Трескавец
Изработен е Основниот проект за реконструкција на опожарените конаци на манастирот Трескавец за кој Министерството за култура издвои 500.000 денари.
Согласно проектот што го изготвија стручните служби при НУ Завод и музеј Прилеп, предвидено е враќање на автентичниот изглед на конаците и изградба на параклис на југоисточната страна од манастирот. Во реконструкцијата на конаците ќе бидат употребени современи градежни материјали отпорни на пожар, а предвидено е и поставување армирано бетонска конструкција, како и секторско одвојување на конаците, со што при евентуален пожар ќе се спречи неговото пренесување во другите делови од манастирскиот комплекс.
Проектот е доставен до Управата за заштита на културното наследство каде е во тек постапката за добивање конзерваторско одобрение за реконструкција на конаците. По добивање на решението ќе биде распишана јавна набавка за реализација на проектот.
Манастирот Трескавец е изграден во 13 век и се наоѓа на десетина километри од Прилеп. Во пожарот во февруари годинава целосно изгореа источниот, северниот и западниот конак од манастирскиот комплекс.