Свештеници ја напуштаат МПЦ во Асвтралија и заминуваат во други цркви

 

Расчинетите свештеници во Австралија од страна на Владиката Петар, но и поради притисокот што го трпат од него, ја напуштаат Македонската православан црква и заминуваат во други цркви. Двајца свештеници од македонските цркви во Австралија веќе се дел од Руската православна црква. Ги напуштиле храмовите и заминале да служат во цркви на Руската православна црква. Додека Синодот на МПЦ се уште тактизира и не го решава прашањето со одлуките за расчинување на свештеници, што ги потпишал Владиката Петар, Руската православана црква во Австралија нема никаков проблем во своите редови да ги прими овие свештеници.  Веќе извесно време, Љупчо Двојаковски и Jон Димитров се дел од Руската православна црква и служат во тамошните цркви. Овие двајца македонски свештеници, ракоположени во МПЦ, а потоа суспендирани од Администраторот, Владиката Петар сега причестуваат, крштеваат и венчаваат верници на РПЦ. Она што е интересно во целата оваа ситуација е односот на Македонската православна црква кон нив, и односот на Руската Православан црква кон нив. И двајцата се ракоположени во МПЦ, црква која официјално е непризнаена во православниот свет, па така непризнаена и од Руската Православна црква. Но, за РПЦ нема никаков проблем тие да бидат дел од нејзината јуриздикција.

Македонските верници во Австралија велат дека ова е невиден македонски парадокс. Руската црква да ги признава за свештеници, а МПЦ да ги игнорира,.

-Ако нивниот грев бил толку голем и навистина причина за расчинување како што тоа го тврди епархискиот црковен суд, со кој претседава Владиката Петар и кој ги расчинил, тогаш тие немало да бидат примени во Руската црква. Руската црква сепак е далеку поорганизирана и сериозна црковна органзиација од МПЦ, така што не би си дозволила во своите редови да прими свештеници кои ги прекршиле каноните. Тоа е доказ дека нивното расчинување е само поради несоглчасувањата со владиката Петар, велат верниците во Австралија, потенцирајќи дека сите православни цркви во Австралија знаат за апсурдот на овој македонско-црковен спор.

Кои се свештениците што се добри за РПЦ, а не се добри за МПЦ?

Јон Пол Димитров претходно служел во црквата Св. Ѓорги во Мелбурн Растен е во Австралија. Завршил Богословија во Македонија. Од МПЦ е расчинет единствено поради непослушност кон Владиката Петар.

Другиот свештеник кој сега служи во Руската Православна црква е Љупчо Двојаковски. Таму заминал по расчинувањето без никакви докази. Тој е поранешен Епархиски секретар на Владиката Тимотеј во Охрид, а претходно до 1994 година е Архиерејски намесник на тогашниот австралиско-новозеландски администратор,Тимотеј за Нов Јужен Велс. Веднаш по доаѓањето на Владиката Петар во Асвтралија го вратил назад во Македонија, со единствено образложение дека е близок со МитрополититТимотеј. Во Македонија извесно време ја врши функцијата Епархиски секретар на Дебарско-кичевската Епархија. Но, поради фамилијарни причини барал да се врати во Австралија. Неговото враќање во Австралија, ВладикатаПетар го условувал да направи паралелна црква во Сиднеј, за да ги придобие верниците кои во тој дел на Асвтралија биле против управата на Владиката Петар. Откако свештеникот Двојаковски ги согледал состојбите на терен, се спротиставил на Владиката по што следела одлука за негово расчинување. Црковните игри во МПЦ биле пресудни тој својата одлука да се посвети на Бога да ја реализира преку Руската Православна црква во Австралија, каде без проблеми бил примен. 

Алексовски: Свештениците во Австралија под притисоци на Г.Петар

Сличен пат има и свештеникот Зоран Алексовски, кој и покрај две одлуки на Архиепископскиот црковен суд дека неговото расчинување е невалидно, денес не служи никаде. Но дека одлуката за неговото суспендирање нема никаков канонски основ е фактот, што по раслинувањето тој бил свештеник на Антиохиската православна црква во Австралија. Алексовски неодамна во интервју за Прес24.мк, отворено зборуваше за недоразбирањата со Владиката Петар и неговото расчинување.

-Владиката Петар неможеше да го издржи притисокот на верниците кои бараа да служам во „Света Петка“ и поради неисполнувањето на одлуката на судот, бараше причина што поскоро да ме врати назад во Македонија.Во тоа време се случи сопругата, по нејзина слободна волја да изврши абортус, за што има доказ со нејзина лична изјава која ја достави и до Петар. Тоа воеднобеше и добра причина г. Петар да се ослободи од мене. Во неколку наврати побара да поднесам канонски отпуст од австралискатаепархија и да се вратам назад во Македонија и таму да бидам свештеник со ветување дека тој ќе го прикрие абортусот и никој немада има право да го покрене тоа прашање.
Кога го одбив тоа, Петар ми се закани дека ќе ме даде на црковен суд. Знаејќи дека немам направено никаков престап, свесно прифатив правдата да ја барам преку црковните институции. Во два наврати Епархискиот црковен суд на чело со владиката Петар донесе одлука за расчинување, со различни обвинувања. Најнапред, за учесник во абортус, потоа за соучесник, па за непослушност и омаловажување. На двете пресуди се жалев
до Архиерејскиот црковен суд. По првата пресуда Архиерејскиот црковен суд донесе позитивно решение и ја отфрли пресудата на владиката Петар и делото го врати назад на повторно разгледување, на 07 февруари 2007 год. со ресение Бр. 3 / 2007.
На 30 мај 2007 година повторно Епархискиот црковен суд донесе одлука за расчинување. И на оваа пресуда направив жалба и ја испратив до Архиепископскиот црковен суд во Македонија.Повторно Архиепископскиот црковен суд донесе позитивна одлука на 06 март2008 година, и ја отфрли пресудата на владиката Петар, и решението го испрати со регистрирана пошта на 10 март 2008 година. Владиката Петар не сакаше да го прими ова решение. На 29мај 2008 година,повторно решението беше испратено и овој пат владиката Петар не го прими.

Во март 2009 година направив напор и потрошив околу 5.000 долари за да дојдам во Македонија со цел лично да го подигнам решението на Синодот.  Направив лична средба во кабинетот со поглаварот г.г. Стефан, а потоа и со уште неколку владици во Македонија. Им ја образложив целата состојбаи причината зошто сум дојден.Од сите нив, добив поддршка дека имам законско право да го добијам решението лично , кога веќе владиката Петар не сака да го прими.Добив ветување дека решението ќе ми биде испратено по пошта.Но, поради силен притисок од страна на Петар со нецелосна поддршка на сите членови на Светиот Синод, наместо решението на 16. 07. 2009 година по факс добив одлука дека Синодот по опстојна расправа, и покрај позитивното решение кое е донесено од највисокиот црковен суд , сепак ја прифака пресудата на Епархискиот суд, изјави за Прес24, свештеникот Зоран Алексовски.

Зошто молчи Синодот?

Претседателот на здружението на македонските заедници во Австралија вели дека за ова е запознаен и Синодот на МПЦ во Скопје, но досега никој ништо не реагирал.

-Се уште чекаме некој од Синодот да ни објасни како е можно најголемата православна црква во светот, од која МПЦ денес бара признание, да ги прифати тие македонски православни свештеници како свои, ако им се валидно одземени свештеничките чинови?  Зарем не е доволно што заради недостојното однесување на Петар изгубивме многумина парохијани, па сега треба да им правиме дополнителна услуга на непријателите на МПЦ, протерувајќи го и македонското свештенство во други православни цркви?, вели Игор Аврамовски Александров, претседател наздружението на македонски заедници во Австралија.

Во храмовите во Австралија останати се  само уште четворица “спорни” свештеници, кои г. Тимотеј не смее да ги стави под своја директна надлежност заради одлуки на Синодот донесени под притисок на Петар.  Но, Синодот не ја оспорува валидноста на венчавките, крштевките и други треби и служби одржани од тие свештеници. 

Расчинетите свештеници и сеуште нерешениот нивен стаус е и главната причина што досега, осум месеци откако Синодот го назначи, г. Тимотеј за надлежен на црковните општини кои не ја признаваат јуриздикцијата на Владиката Петар, тој се уште не заминал за Австралија. Вели дека таму ќе замине тогаш кога ќе се создадат реални услови за тоа.

Но, симптоматично е што никој во МПЦ, особено Синодот не сака да најде решение и не покренува иницијатива како во Австралија да се создадат реални услови и состојбите да се дефинираат, онака како што треба. Црковните општини кои се против Владиката Петар имаат инициајтива ова прашање со расчинетите свештеници да се затвори, но не наидуваат на слух кај Синодот.

-Зарем Синодот сака нов раскол помеѓу парохијани на нашите храмови, за да се задоволи осветољубивоста на Петар? Ние на неколку наврати побаравме од Синодот, ако навистина смета дека “спорните” свештеници се валидно расчинети, да ни достави копии од сите обвиненија, докази, транскрипти и пресуди според кои тие свештеници се наводно расчинети, за да може пред нашите членови и парохијани да утврдиме дали има вистинска основа за оспорување на нивните чинови, освен непослушноста кон Петар.  Тоа се уште не сме го добиле.  Предложивме и формирање на непристрасен трибунал, со согласност меѓу Синодот и надлежните општини, кој веродостојно би ја утврдил валидноста на наводните расчинувања.  Ни на тој предлог не сме добиле одговор,вели Александров.

Тој посочува дека МПЦ и владиците треба да имаат поголема сериозност кон ова прашање, посочувајќи дека  ако Синодот нема докази за вистински гревови на ‘спорните’ свештеници, освен непослушноста кон Петар, тогаш во духот на помирувањето треба да ги уважи тие свештеници и сите заедно да тргнеме кон градење на Епархијата и враќање на вербата во Синодот која сериозно се наруши.

-Ако Синодот може во името на мирот и на обединувањето да прибира неверни свештеници и монаси кои му се придружија на Јован Вранишковски во расколничкото оспорување на националната независност на МПЦ, тогаш зошто да не може да ги уважи оние свештеници кои смело и совесно го задржаа нашиот народ во македонските народни храмови, додека Петар со своите постапки ги протеруваше тие верници во туѓи, како ‘одметници’?, вели Александров

 

 

 

 

 

 

најчитано сега