Ѓорчев: Вчера се случија нерегуларни и насилнички избори, доставивме видео и фото материјали од нерегуларностите

Република Македонија во текот на вчерашниот ден ги имаше најнерегуларните и нај недемократските избори во историјата на независна Македонија и никогаш во последниве 27 години немало понасилни избори и немало избори со поткуп и насилство, вели на денешната прес-конференција Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

-Забележани и документирани се огромен број на нерегуларности како и индиции за поткуп, закани и уцени вклучувајќи и од полициски службеници. Уште од рано изутрина беше прекршен изборниот молк, а постојат и сериозни докази дека биле полнети изборните кутии со така наречениот бугарски воз во повеќе општини во државата. ВМРО-ДПМНЕ до меѓународните претставници до ОБСЕ и ОДИХР достави видео и фото материјали за голем број од забележаните нерегуларности, потенцира Ѓорчев.

Тој додава и дека медиумите вчера објавиле снимка од која се гледа како активист од СДСМ во Штип дава поткуп на граѓанин.

-МВР и државните институции на СДСМ не реагираа и го премолчеа овој поткуп, а целата полиција беше на располагање на СДСМ и полициски припадници физички им се закануваа на гласачите кои не се од СДСМ да излегуваат од својот дом, рече Ѓорчев.

Ѓорчев на пресот го објави видеото каде припадник на МВР се заканува на гласач во Бутел да не излегува на гласање и кажа дека луѓето сакаат дома да ги тепаат, во куќен двор.

-Припадник на МВР се заканува на човек што има 60-65-70 години и му вика не искачај од дома. Што му фали на припадникот на МВР? Ништо! Кога тој се однесува вака, во сред Скоје, пред камера, можете да замислите што се случува по помалите градови, што се случува по помалите улици што се случува по селата и по населбите, каде што нема камери. Дома им се закануваат на луѓето дека ќе ги тепаат. Здрав, прав човек од 35-40 години се заканува на човек што има 60-65-70 години, дека дома ќе го тепа и него и син му, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев напомена дека вака фунционирало МВР насекаде низ државата, дека вака полициски службеници им се заканувале на граѓаните да не излегуваат на гласање и дека оваа појава била масовна низ цела Македонија.

-Во Визбегово, во истата општина Бутел, со фотографија е документирано делење шеќер, зејтин и други материјали до граѓаните, од страна на локален лидер за време на изборниот молк и изборниот ден. Значи, зборуваме за носење на товари материјали, шеќер, зејтин, брашно и други материјали од страна на локален лидер на СДСМ документирано со фотографија и никому ништо. Пријавено реакција никаква, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев напомена дека на вчерашниот изборен ден исто така граѓаните виделе и што значи за вработените во државната и јавна администрација кога СДСМ е на власт.

-Во аудио снимка објавена во медиумите слушнавме како таткото на кандидатот за градоначалник од СДСМ се заканува дека во еден ден може да бидат отпуштени над 1.100 луѓе во Драчево од работа, само ако не гласаат за СДСМ, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев кажа дека оваа снимка е доказ каков притисок бил вршен врз граѓаните за да гласаат за СДСМ.

-Знаете за што зборуваме тука? Зборуваме за отпуштање на 1.100 луѓе од Драчево, за 1.100 луѓе од Драчево нивно отпуштање, како во транзицијата, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев напомена дека во текот на вчерашниот ден врз граѓаните бил правен системски и психолошки притисок со цел втерување на страв за да не излезат на гласање.

-На само три часа пред затварањето на избирачките места беа искршени преку 40 надгробни плочи на православните гробишта во село Брњарци, Општина Гази Баба. Сликите се загрижувачки и многу зборуваат за оваа власт, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев кажа дека забележан е и спречен обид за „бугарски воз“ во Општина Чаир, а дека информации а извршен „бугарски воз“ имаат од повеќе места.

-Полициските припадници рамо до рамо со партиските активисти на СДСМ вршеа притисок и во Македонска Каменица, Новаци, Могила, Кавадарци, Штип и во сите општини каде што имаше втор круг. Во Могила и Новаци им беше кажувано на луѓе за кои што се мислеше дека нема да гласаат за СДСМ: „Не излегувајте на гласање, од понеделник не доаѓајте на работа. Ако било кој од вашето семејство излезе, во понеделник не доаѓајте на работа“. Тоа им беше кажувано на луѓе вработени во РЕК. Могила и Новаци, општини во кои секогаш победувал ВМРО-ДПМНЕ, општини во кои што водеше ВМРО-ДПМНЕ, изјави Ѓорчев.

Тој напомена дека ова се само мал дел од нерегуларностите кои биле направени во текот на вчерашниот ден, напомена и дека сите овие информации биле и се проследени до меѓународните набљудувачи, ОБСЕ и ОДИХР.

-За сите овие нерегуларности, МВР и државните институции молчат и не реагираат, затоа што се под целосна контрола на СДСМ и се извршители на изборниот криминал. Демократијата и правната држава вчера беа погребани во Република Македонија. СДСМ покажа дека нема намера да спроведува фер и демократски избори и дека сака да спроведува целосна контрола врз институциите, за целосен и тотален притисок врз граѓаните, изјави Ѓорчев.

Ѓорчев кажа дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ излегува со седумте барања кои сметаат дека се основен предуслов за враќање на демократијата и владеењето на правото во државата.

1.Организирање на предвремени парламентрани избори согласно Пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, на исти начин како што беа организирани парламентарните избори на 11 декември 2016 година.

2.Итна смена на директорот на Агенцијата за аудиовизулени и медиумски услуги, и избор на директор на оваа значајна институција по предлог на опозицијата.

3.Оставка и разрешување на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски. Враќање на старото законско решение, во време на Влада на ВМРО-ДПМНЕ, кога претседателот на ДИК беше од редовите на СДСМ, од редовите на опозицијата. Сега истото решение за кое ВМРО-ДПМНЕ имаше демократски капацитет, нека го спроведе и оваа влада што носи под наводници демократија, живот и слобода. Нека го дадат истото она што беше пред пет години.

4.Итна истрага и вештачење со наше учество на уредите за прислушкување на УБК, заради основано сомнение дека полицијата врши прислушкување на најмалку 100 лица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

5.Итно и без пролонгирање завршување на судењето за случајот Поткуп, во кој Заев на очиглед на целата јавност бара мито во висина од 200 илјади вера..

6.Основање на специјално јавно обвинителство кое ќе има ингеренции за расчистување на изборните нерегуларности од изборите во 2016 и изборите во 2017 година, како и на злоупотребата на целокупниот државен апарат во изборни цели за изборите во 2017 година.

7.Ослободување на лицата кои што се во притвор и прекинување на процесите против граѓаните, за случувањата на 27 април 2017 година.

-Демократијата ќе се врати, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, ВМРО е константа која што трае 124 години и во добро и во лошо. Ќе победи Република Македонија. Тогаш овие прекршители на законите, сите оние кои што им се закануваа и ги заплашуваа граѓаните дека ќе ги тепаат во нивните дворови и во нивните домови ќе одговараат согласно законите, изјави Ѓорчев.

 

 

 

30.10.2017 - 16:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа