Завршува кампањата, од полноќ молк пред вторниот изборен круг
На полноќ завршува изборната кампања за вториот круг од Локалните избори и почнува молкот пред гласањето во недела.
Гласањето в недела, на 29 октомври, почнува во седум и ќе трае до 19 часот. Локалните избори ќе се спроведат во 35 општини на 1.517 избирачки места каде право на глас имаат 833.710 глаѓани. Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници.
Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.
Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.
Во Кисела Вода, Гази Баба и Бутел ќе се бира меѓу кандидатите за градоначалници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, во Чаир и во Сарај меѓу кандидатите на ДУИ и БЕСА, а во Шуто Оризари меѓу кандидатот на СДСМ и кандидатот на Сојузот на Роми.
Од останатите општини втор круг ќе има во Штип, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Виница, Демир Капија, Македонска Каменица, Македонски Брод, Кавдарци, Пробиштип, Градско, Јегуновце, Росоман, Старо Нагоричане, Чашка, Могила, Зрновци, Новаци, Брвениа, Чешиново-Обелешево, Боговиње, Врапчиште, Долнени, Желино, Липково, Теарце, Студеничани и Карбинци.
Во сабота, ден пред изборите, гласаат болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во притвор.
Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога беа избрани градоначалник на Град Скопје и градоначалници во 45 општини. Во првиот круг се избраа и членовите на советите во општините.
Овие избори се шести локални избори во Македонија од независноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа