Ховит: Извештајот за 24. декември ќе донесе позитивен извештај за Македонија

 

 

Известувачот во Европскиот парламент за Република Македонија, Ричард Ховит, го поздрави договорот на Комисијата за истраги на собраниските настани во нашата земја, со цел расчистување на случувањата во и околу македонскиот Парламент на 24 декември минатата година. Во изјава за дописникот на МИА од Брисел, британскиот европратеник истакна дека тој се приклучува на вчерашниот коментар на комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, дека заклучоците на македонската ад-хок комисија се „успешни и конструктивни“.

- Најнапред би сакал да го проучам договорот во детали. Но, сепак, не се двоумам да го поздравам успешниот договор на ад-хок комисијата, постигнат со консензус, посебно што е дел од политичкиот договор постигнат на 1 март со цел надминување на политичката криза во земјата, во што и јас бев инволвиран, вели Ховит за МИА.

Според известувачот од Европарламентот за Македонија, задоволството кај него, но и во Унијата е поголемо поради тоа што договорот за расчистување на настаните од лани е постигнат со консензус меѓу двете најголеми политички партии кај нас.

- Разговарав со еден од членовите од Комисијата за текот на нејзината работа и затоа не се двоумам да кажам дека сум задоволен од постигнатиот договор кој е одличен за евроинтеграциите на земјата, додава Ховит.

На прашањето да го коментира одбивањето на опозициската СДСМ да се одржат предвремени избори есенва, што им го понуди македонскиот премиер Никола Груевски, а кое поради инсистирање на Бранко Црвенковски и се најде во договорот од 1 март на кој потпис стави и тој, европратеникот Ховит со одговор:

- Не е до мене, ниту до некој од ЕУ да коментира за понудата и одбивањето на предвремени избори. Затоа, овој дел не би сакал да го коментирам, вели европратеникот од Велика Британија.

За тоа што во односот со официјален Брисел ќе и донесе позитивно овој договор на Македонија, Ховит е дециден:

- Убеден сум дека заклучоците на ад-хок комисијата за собраниските настани од 24 декември 2012 година ќе имаат влијание кај Европската комисија за носење на позитивен извештај за земјата следниот месец. Не би сакал да коментирам дали или не ќе има нова препорака за почеток на пристапните преговори на вашата земја со ЕУ, но сигурен сум дека сето ова носи добро и убеден сум дека позитивно ќе влијае и во однос на препораката, заклучува британскиот член на Европскиот парламент и известувач за Република Македонија.

Извор: МИА

27.08.2013 - 11:55

најчитано сега