Пронајдена противтенковска мина на Попова Шапка

Метална противтенковска мина била пронајдена од полицајци на полициската станица за граничен надзор Попова Шапка денеска околу 11 часот во месноста Козарица кај Долна Лешница, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Мината била покрај земјениот пат на околу 2 километри од Попова Шапка и во поголем дел таа била вкопана во земја. Местото веднаш било обезбедено од граничарите по што за случајот биле известени надлежните во тетовската полиција.

Екипи на СВР Тетово го фотографирале местото по што во соработка со стручна екипа од Дирекцијата за заштита и спасување мината била извадена, подигната и околу 15 часот безбедно транспортирана.

- Се работи на откривање на видот и потеклото на мината, како и откривање на сторителите и можните мотиви за нејзиното подметнување, рече Јосифовски. 

27.08.2013 - 08:24