Бесими-Пусиќ: И регионот ќе профитира од приемот на Македонија во ЕУ и НАТО

Хрватска стои на ставот дека интерес и на Македонија и на целиот регион е да се исполнат условите Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, како и за прием во НАТО,  изјави денеска во Загреб вицепремиерката и министер за надворешни работи и европски прашања Весна Пусиќ по средбата со македонскиот вицепремиер за европски прашања Фатмир Бесими.

Загреб смета дека евроинтеграцијата на овој дел од Европа ќе значи и консолидација на европската територија, и е повеќе од проширување на ЕУ, рече Пусиќ. 

Она што за Македонија беше добра вест од евроинтеграциите оваа година, како што рече пак македонскиот вицепремиер Бесими, е членството на Хрватска во Европската унија, што значи дека продолжува концептот на проширување на ЕУ, пренесува МИА.

- Тоа за нас значи дека ние треба да продолжиме да работиме. Стратешки приоритет на Македонија останува членството во ЕУ и во НАТО. Ние работиме на реформите, а го воспоставивме и Дијалогот на високо ниво и петте приоритети, изјави Бесими.

Двајцата соговорници посочија дека продолжува соработката меѓу двете земји, особено во евроинтеграциските процеси, за што е потпишана спогодбата за Евро-атлантско партнерство, но и пошироко.

- Ќе соработуваме и натаму и на европски и на регионални теми, изјави Пусиќ.

Хрватска, вели таа, е членка на ЕУ, но и натаму е дел од регионот на ЈИЕ. – Ние сакаме да бидеме активни и да водиме проактивна политика во нашиот регион бидејќи тоа сметаме дека е клучно за нашата сопствена стабилност, но и за стабилноста и безбедноста на Европа во иднина, рече хрватската министерка.   

Бесими и го честиташе влезот на Хрватска во Европската унија, нагласувајќи дека ова е негова прва посета на земја – членка на Унијата по нејзиното зачленување на 1-ви јули и оти таа симболика би сакал да се претвори во конкретен резултат.

Најавено е продолжување на соработката во земјоделството, во трговијата, и во други области од интерес за двете страни. Соработка и размена на искуства има за поглавјата кои се однесуваат на правосудството и регионалната политика, како и земјоделството, што според хрватската министерка се можеби најчувствителните.

Македонија, истакна Бесими, се подготвува  за следната фаза, а тоа е добивање датум за преговори со ЕУ, а денешниот состанок е исто така во таа функција. Најави средби на македонски и хрватски експертски тимови. Хрватското искуство ќе биде добредојдено во процесот на усогласување на националното законодавство со европското законодавство, особено во поглавјата каде Хрватска има изградена значајна експертиза.

- Она што исто така е важно е регионалната и билатералната соработка, но особено значајно за нас е тоа што ние сега имаме уште еден пријател-членка на ЕУ и дека во процесот ќе ја поддржува Македонија јавно и уште повеќе, истакна Бесими на прес-конференцијата во Загреб.       

Во рамки на посетата, вицепремиерот Бесими се сретна и со градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ. На средбата, во пријателска атмосфера се споделија искуства околу ефектите кои процесот на европска интеграција ги имал врз развојот на градот Загреб, како и активностите кои се преземаат околу унапредување на мобилноста, мулутикултурализмот, почитување на различноста, како и партиципацијата и одговорноста на различните етнички заедници кои живеат во Загреб во развојот на градот.

Во рамки на неговата посета, во попладневните часови, вицепремиерот Бесими ќе се сретне и со претседателот на Република Хрватска Иво Јосиповиќ, со кого се очекува да се дискутира за искуствата, соработката и поддршката на Република Хрватска за интеграција на Република Македонија во Европска унија.

Вицепремиерот Бесими се сретна и со претставници на албанската дијаспора, а попладнево ќе се сретне и со претставници на здруженијата на Македонците во Хрватска.

На средбата вицепремиерот Бесими ги информираше претставниците за последните случувања во Македонија, како и за напорите и напредокот на земјата во процесот на Евро-интеграција.

26.08.2013 - 16:00

најчитано сега