ФОТО: Основците од Аеродром ќе вежбаат во реновирани спортски сали

Шест основни училишта во Аеродром до почетокот на новата учебна година ќе имаат целосно реконструирани спортски сали, за што општината од буџетот обезбеди околу 30 милиони денари.

Завршната фаза од проектот беше одбележана денеска со официјално пуштање во употреба на салата во ОУ „Блаже Конески“, каде  присуствуваа градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски и министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Коневски изјави дека училишните сали, со соблекуваните и просториите за спортски реквизити, се реновираат и во училиштата „Димитар Македонски“, „Лазо Ангеловски“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Љубен Лапе“ и „Браќа Миладиновци“.

- Оваа спортска сала е целосно реконструирана. Опфатен е подот, реквизитите, покривната конструкција, прозорци, тоалети и сите работи што се во делот на столаријата. Очекувам до почетокот на учебната година сите спортски сали да бидат целосно реконструирани и, конечно, децата да добијат подобри услови за одржување на часот по физичко воспитување, рече градоначалникот на Аеродром.

Министерот Ристовски се заложи за поддршка на проектите на Општина Аеродром за која рече дека е пример како треба да функционира локалната самоуправа во исполнување на обврските во областа на образованието.

- Општина Аеродром тоа одлично го практикува и целосно ги сервисира своите обврски во делот на подобрување на образовниот систем и условите за настава за децата. Како ресорно министерство и натаму ќе ја поддржуваме активноста на Аеродром, како и на сите други општини во подобрување на образовниот процес, истакна Ристовски.

Министерот најави наскоро отворање на новото училиште во Аеродром, во населбата Реонски центар, како и завршување на изградбата на сала во населбата Лисиче, која е дел од проектот „145 спортски сали“. 

26.08.2013 - 13:43

најчитано сега