Пет лица се повикани на разговор во МВР за нападот врз градоначалникот на Шуто Оризари

Министерството за внатрешни работи преку соопштение денеска информираше дека презема мерки за расчистување на тепачката која се случи вчера на улицата Гвадалахара во населбата Шуто Оризари, а во која повреден беше Елвис Бајрам, градоначалник и кандидат за градоначалник на оваа општина од партијата Сојуз на Ромите.

Од МВР велат дека идентификувани се и повикани на разговор пет лица кои учествувале во тепачката и во постапка е прибирањето докази за понатамошно постапување.

„Министерството за внатрешни работи најостро ги осудува сите облици на насилство, а особено во текот на изборната кампања. Изборниот процес е наменет за претставување на кандидатите и нивните програми и министерството смета дека тоа е единствениот начин преку кој граѓаните треба да бидат запознаени со учесниците во изборниот процес. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, пишува во соопштението на МВР.

Бајрам,вчера попладне бил нападнат и повреден додека одржувал средби со граѓаните како дел од предизборната кампања.

Од крвничкото тепање Бајрам паднал во безсознание. Насилниците побегнале, а екипа на Брзата помош констатирала тешки повреди и тој веднаш бил одвезен во Градската општа болница „8-ми септември“.

Директорот на ГОБ„8-ми септември“ вели дека Бајрам има осекотина од 8 сантиметри која е сошиена, нема скршеници, нема потрес и нема други повреди.

Тој за време на нападот бил на митинг, кога некој одзади го удрил со метална шипка. Бајрам има повреда на челото и на дел од главата.

 

Бајрам зад себе има два градоначалнички мандати во Шуто Оризари, а на овие локални избори се бори за третиот.

 

 

 

03.10.2017 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега