Државниот инспекторат “сотре“ 37 нелегални превозници

Од Министерството за транспорт и врски денеска информираат дека Државниот инспекторат за транспорт во вториот квартал од 2013 година извршил 1.145 инспекциски надзори согласно законските надлежности, при што се преземени соодветни мерки за констатираните отстапувања од законската регулатива, согласно овластувањата кои произлегуваат од Законот за превоз во патниот сообраќај.

 -Имено, во овој период се одземени вкупно 37 возила со кои се вршел незаконски јавен превоз на стока и патници без дозвола, односно лиценца, од кои 34 се трајно и 3 возила се временo  одземени. Во истиот период се издадени вкупно 153 платни налози и 91 покана за наплата на глоба за лицата кои ги прекршиле законските одредби. Надлежните инспектори поднеле 191 барање за поведување прекршочна постапка до надлежните судови, и 186 барања до надлежната комисија за прекршоци заради констатирани нерегуларности, во текот на извештајниот период. Еден дел од трајно одземените возила дел ќе биде распределен на институции каде има потреба од тоа, а друг дел ќе бидат предмет на продажба, стои во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

Државниот инспекторат за транспорт, велат од Министерството, согласно Законот за јавни патишта во континуитет врши инспекциска контрола во однос на изградбата, одржувањето и заштитата на патиштата  и патниот појас, мостовите, сигнализацијата, опремата  на патиштата и врши проверка на оптоварување на патиштата од возила.

Исто така, редовно се вршат акциски контроли согласно Законот за превоз во патниот сообраќај на сите автобуски станици во Република Македонија каде се следи редовноста и уредноста на меѓуопштинските и меѓународните линии како и исполнување на соодветните техничко-експлоатациски услови на возилата со кои се извршува превоз на патници.

Во соработка со Царинската управа и Граничната полиција, Државниот инспекторат за транспорт врши контрола на влез и излез на граничните премини и за сите констатирани неправилности ги презема соодветните законски санкции.

26.08.2013 - 13:05

најчитано сега