Опозицијата од денеска во полн состав се враќа во Собрание

Опозицијата најави дека денеска завршува нивното формално учество во работата на Собранието и дека во полн состав се враќаат во неговата работа.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски на почетокот на собраниската седница го поздрави денешното потпишување на извештајот од страна на Комисијата за настаните од 24 декември и оцени дека е добро што ќе има документ кој реално ќе ја отсликува фактичката ситуација.

- Со оглед на фактот дека веќе е очигледно оти работата на Комисијата ќе има епилог и извештај доследни на своите ставови, исполнувајќи го докрај мартовскиот договор, и најмногу во интерес на македонските граѓани, ве информирам дека нашето досегашно формално учество во Собранието завршува и во неговата работа се враќаме во полн капацитет како што тоа го правевме пред 24 декември, рече Ивановски.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори го нарече „блеф“ и оцени дека за државата и за нејзините евроатлански процеси е добро што ќе има извештај кој, како што рече, реално ќе ги отсликува настаните и фактичката ситуација од 24 декември.

Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева во процедурална забелешка оцени дека настаните од 24 декември и настанот од минатата недела на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија е срам за Собранието и за државата.

- Ние сме избрани да ја одведеме Република Македонија онаму каде што сакаат граѓаните - во големото европско семејство, а не со насилство и тензии да го попречуваме патот на Република Македонија кон Европската унија. Потпишувањето на денешниот извештај не го крие вашиот срам којшто го видоа граѓаните на 24 декември. Подготвени сме се да потпишеме само во интерес на Република Македонија. Република Македонија и европските интеграции се над се. Извештајот не е валиден за нас, а на избори ако сакате веднаш ќе одиме да се види вашата вистина, рече Бонева.

Пратеникот Горан Мисовски од НСДП побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да им се извинат на новинарите за нивното отстранување од собраниската галерија на 24 декември. По негово барање, е прекината собраниската седница и дадена е пауза од еден час. 

26.08.2013 - 12:27

најчитано сега