Новакоски: Не сум одлучил, но може да конкурирам за нов државен јавен обвинител

 

Поранешниот претседател на државната изборна комисија, сега адвокат Александар Новакоски би го прифатил предизвикот да се пријави на конкурсот за нов државен јавен обвинител, само ако оцени дека одредени структури нема да имаат проблем со неговата принципелност. Тој во интервју за Прес24, вели дека размислува, но се уште не донел дефинитивна одлука дали ќе се пријави на огласот за државен јавен обвинител, иако смета дека е компетентен за таа позиција.

Јас лично сметам дека сум компетентен за оваа одговорна функција. Од никого не сум барал поддршка ниту пак имам намера да ја барам, а ниту пак сум се интересирал кои ми се шансите. Постои голема веројатност да се пријавам, но дефинитивно не сум донел одлука. Мислам Дека овие денови ќе одлучам, може да не се пријавам ако оценам дека со одредени структури кои им смета мојата принципиелност повторно ќе треба да се соработува а јас оценам дека тоа е невозможно, вели Александар Новакоски во интервјуто за Прес24.

Тој смета дека идниот јавено обвинител мора да покаже достоинство и професионалност.

- Во овој момент ова е голем предизвик и потребно е да се соочите со сериозни удари од сите кои сакаат да остане ваква ситуацијата и во Обвинителството и во судовите и во адвокатурата. Овде мора да има реформи, мора да дојде до еднаквост на оружјето со кое располага обвинителството и тоа на  бранителите. Мора да се справи во сопствените редови, прво, а потоа да даде допринос во другите сегменти.  Да гарантира дека ќе е еднаков спрема сите. Да не биде оптеретен од освети и реваншизми. Во моментов на правосудниот систем му е потребна таква личност, личност кој ќе ја врати вербата во праведноста и секако во целост ќе ја презема улогата која му е дадена од новиот Закон за кривична постапка. Мора да ги тргне седиштата на основните обвинителства од судовите. Малку е чуден ставот кој преовладува во јавноста дека овој обвинител треба да е избран за да реши одредени работи, а после нека се бира нов со консензус. Напротив сега треба да се избере човек кој вистина нема да се води од дневно политички информации, него да се справи со сите облици на криминал но и реформи во сите области, вели Новакоски во интервјуто за Прес24.

Тој зборува и за реформите во судството, а смета дека генерален реизбор е невозможен и непотребен. Новакоски ја анализира и актуелната политичка состојба по стоте дена на новата влада и оценува дека Парламентот во иднина постојано ќе се соочува со блокади и нефункционалност, што ќе резултира со нови предвремени избори.  

ПРЕС 24: Поминаа 100 дена од новата влада. Период по кој обично се носат првите оценки. Јавноста многу очекуваше од оваа власт. Оценките на опозицијата по обичај се негативни, оние на власта секако позитивни. Сепак, ако се анализира од страна, дали овие сто дена ветуваат некаква успешност на оваа нова власт и до кој степен таа може да се очекува?

НОВАКОСКИ: После подолг период имаме промена на власта и формирање на ново парламентарно мнозинство. Оваа влада е формирана после неколкугодишна тешка политичка криза и според мене е производ и плод на голем компромис, надворешен притисок, како и сериозен напор на меѓународната заедница да ја реши политичката криза со формирање на тесно парламентарно мнозинство. Имаме промени во македонскиот блок, а кај албанските политички партии нема никаква промена, освен што две помали политички партии дадоа поддршка за формирање на влада, а едната не партиципира. Преголеми се очекувањата од страна на граѓаните кои гласаа за промени на власта, но во една ваква состојба јас и не очекував некои големи промени, бидејки Парламентот функционира со многу тешкотии, реформите во судството ќе се долгорочен процес, а економската ситуација е  тешка.

Овие сто дена покажаа дека владата ќе функционира со големи тешкотии, посебно бидејќи нема да има ефикасност во Парламентот. Парламентот за брзо време ќе се најде во ситуација на неефикасност, блокади што после локалните избори на големо ќе се отвори простор за предвремени парламентарни избори. Поради изборите и нерешителност на одредени носители на одредени извршни функции има многу голем застој во реализација на капиталните расходи и многу работи ќе се префрлат за следната буџетска година.

ПРЕС 24: Ако може да се издвојат неколку позначајни елементи од овие сто дена, секако тоа се активностите на надворешен план, односно потпишувањето на договорот за доборососедство со Бугарија. Тој договор предизвика и многу негативни реакции во македонската јавност. Беше потпишан експресно, но тој договор се уште не е ратификуван во Парламентот, за разлика од  бугарското Собрание каде едногласно помина. Кој е вашиот став за овој договор и дали тактизирањето со ратификацијата е некаков обид за релативизација?

НОВАКОСКИ: Според мене договорот кој е склучен со Република Бугарија, доаѓа во време кога новата влада затекнува состојба на големи проблеми речиси со сите соседи. Во една таква состојба премиерот на Албанија директно се вмеша во политичкото дејствување на албанските партии во РМ, во Србија имаме одредени несоодветни и недипломатски поместувања со континуирани закани од страна на Министерот за надворешни работи. Се покажа дека има и инволвираност на одредени лица од таа држава во случувањата во РМ што посебно ги вознемири главните луѓе на Србија, па превзедоа низа контроверзни одлуки, а тука се и односите со Грција. Во една таква состојба сметам дека овој потег беше неминовен, кој ќе има позитивен ефект и тоа се гледа од реакциите на некои соседи, а за одредени делови од текстот и јас имам одредени дилеми, но ратификацијата ќе оди лесно, а истата претпоставувам се одлага за после избори да не биде користена за пропагандни цели.

ПРЕС 24: Втората позначајна точка се измените на законот за јазици. Многу од предвидените законски одредби се оценуваат како напуштање на унитарниот карактер на државата и нејзино претворање во двонационална и двојазична држава. Колку овој закон вака поставен е противуставен?

НОВАКОСКИ: Проблемот со употреба на јазиците или законот за јазици предолго се провлекува и користи од сите страни да истиот предизвика вознемиреност кај граѓаните, да се добијат политички поени, а тоа произлегува од фактот да ние законите ги носиме во скратени постапки, без јавна дебата и без информираност на граѓаните. Дали е тој противуставен секако ќе може да се зборува од како ќе биде дооформен во Собрание  во неговата конечна верзија. Има спорни одредби кои не се прифатливи  и колку што можам да се информирам се бара мислење од Венецијанската комисија на Советот на Европа. Но во оваа прилика мора да се потсетам на една средба во Финска со генералниот секретар на Финскиот парламент во 2003 година кога разговаравме за имплементацијата на рамковниот договор, а се однесуваше на употреба на албанскиот јазик во Собранието. Тој само ми кажа. „Видите, проблемот со употреба на јазиците е многу чувствителен, а беше и кај нас во Финска , со употребата на Шведскиот јазик. За тој проблем имало 100 години недоразбирања, затоа е добро да го затворите брзо и согласно Устав и меѓународни стандарди, ако не за тоа ќе се расправате уште многу децении.“

Од тогаш поминаа 14 години. Затоа апелирам на разумно, трајно решение, без победници и губитници, но во рамките на Уставот.

ПРЕС 24: Дали двојазичните униформи на полицијата во општините со над 20% од населението е кршење на унитарноста на државата?

НОВАКОСКИ: Сметам дека тоа решение нема да биде прифатено во Собранието.

ПРЕС 24: Опозицијата остро се спротивстави на постапката за смена и избор на нов државен јавен обвинител. Јас сакам да Ве прашам дали и колку ваквиот начин на избор и оспорување од опозицијата ќе овозможи идниот државен јавен обвинител да не ја носи сенката повторно на партиски обвинител?

НОВАКОСКИ: Во текот на политичката криза и преговорите помеѓу политичките партии, една од главните теми беше формирање на Специјално обвинителство, а кое и се формира со согласност од сите. Ова Обвинителство според мене е производ на пропустите и бавната реакција на редовното обвинителство во преземање дејствија и покренување постапки поврзани со случувањата во РМ и низата сериозни индиции за прекршувања на правата на граѓаните од институциите. Во таква ситуација јас не гледам ниту една причина да не дојде до промени во Државното обвинителство, а не гледам ни потреба од блокади на таа тема во Собранието. Со оглед дека целта е постигната и смената и изборот на новиот обвинител е крајно исполитизирана, јас сметам дека барем ќе се изнајде начин да биде избран човек со кредибилитет, со голем углед во јавноста и со што поширока поддршка во Парламентот.

ПРЕС 24: Вие доаѓате од правната сфера на општеството. Сакам лично да Ве прашам, кој е предизвикот на едена личност да одлучи да влезе во избор на државен јавне обвинител, ако го имаме искуството од сите овие 30 години дека оваа функција постојано е оценувана како „инструмент за политички реваншизам“?

НОВАКОСКИ: Предизвикот за да човек се јави на огласот и претендира да биде избран за Јавен обвинител, според мене е само една. Борба за правдата, правичноста и заштита на граѓаните, а преку тоа на државата. Во овој момент ова е голем предизвик и потребно е да се соочите со сериозни удари од сите кои сакаат да остане ваква ситуацијата и во Обвинителството и во судовите и во адвокатурата. Овде мора да има реформи, мора да дојде до еднаквост на оружјето со кое располага обвинителството и тоа на  бранителите. Мора да се справи во сопствените редови, прво, а потоа да даде допринос во другите сегменти.  Да гарантира дека ќе е еднаков спрема сите. Да не биде оптеретен од освети и реваншизми. Во моментов на правосудниот систем му е потребна таква личност, личност кој ќе ја врати вербата во праведноста и секако во целост ќе ја презема улогата која му е дадена од новиот Закон за кривична постапка. Мора да ги тргне седиштата на основните обвинителства од судовите. Малку е чуден ставот кој преовладува во јавноста дека овој обвинител треба да е избран за да реши одредени работи, а после нека се бира нов со консензус. Напротив сега треба да се избере човек кој вистина нема да се води од дневно политички информации, него да се справи со сите облици на криминал но и реформи во сите области.

ПРЕС 24: Дали Вие би се пријавиле на јавниот оглас кој ќе го распише Собранието?

НОВАКОСКИ:  Јас лично сметам дека сум компетентен за оваа одговорна функција. Од никого не сум барал поддршка ниту пак имам намера да ја барам, а ниту пак сум се интересирал кои ми се шансите. Постои голема веројатност да се пријавам, но дефинитивно не сум донел одлука. Мислам Дека овие денови ќе одлучам, може да не се пријавам ако оценам дека со одредени структури кои им смета мојата принципиелност повторно ќе треба да се соработува а јас оценам дека тоа е невозможно.

ПРЕС 24: Премиерот Заев од позиција на опозициски лидер најавуваше генерален реизбор на судии. Оваа тема сега како да е во втор план. Дали власта ретерира од оваа најава, или едноставно таа е речиси неизводлива за реализација?

НОВАКОСКИ: Генерален реизбор на судиите мислам дека е непотребен. Но реформите во судството ќе одат споро бидејќи мора да дојде до промени на одредени закони, а и сами гледате како се одвиваат работите во Парламентот. Според мое мислење промени во судството мора да има, некои судии сами си го заслужија тоа, но треба да се размисли и за реорганизација, односно дали одредени судови го оправдаа постоењето.

ПРЕС 24: 15 октомври ќе биде првиот тест за новата влада. Какви се Вашите оценки за овие локални избори, дали тие ќе бидат во рамки на локалната политика или пак повторно некој референдум за или против власта?

НОВАКОСКИ: Кај нас за жал локалните избори никогаш не биле локални во правиот смисол на зборот. Во земјите на ЕУ на локални избори гласаат и странци кои имаат престој во одредени општини. Глобализацијата наметна големи движења на граѓаните и нормално е на локални теми да одлучуваат граѓаните кои користат локални услуги и живеат тука. Но ние сме далеку од тоа. Кај нас и овие локални избори ќе бидат напнати посебно во одредени големи градови како Гостивар Тетово, Струга, Куманово, Охрид со што секој ќе сака превласт и при мнозински модел многу математики и многу калкулации, непринципиелни коалиции. Овие локални избори ќе бидат само генерална проба пред нови парламентарни избори. Сметам дека посебно албанските партии кои настапуваат со речиси прв ешалон во градовите, а се дел од владината коалиција, ќе влезат во политичка борба која ќе донесе отворен простор за нови парламентарни избори.

ПРЕС 24: Последните неколку изборни циклуси постојано беа предмет на оспорувања, негирања, сега никој не зборува за фантомски гласачи, никој не го поставува како проблем избирачкиот список... што се случи?

НОВАКОСКИ: Последните изборни циклуси има големи и сериозни забелешки за изборната администрација, а и посебно за повреди на одредби од Копенхашките критериуми. За сите тие проблеми во меѓувреме се бараат решенија, но се сведе на декларации и апели. Избирачкиот список не е решен, напротив сите експерименти кои се направија само ја зголемија недовербата во него. Но не е лесно да се ретерира од страна на некои невладини кои тврдеја дека има пола милион фантоми сега да излезат со став за избирачкиот список. Сите молчат и ќе молчат, жалосно е една држава со професионална изборна администрација и со толку капацитети да не успеа од врата на врата да го провери. Но Вие самите знаете дека јас бев доследен во ставовите, укажував дека главно е да се стекне довербата, но сега вистина не знам каква е состојбата со избирачкиот список но мислам дека довербата е мала, а прв пат се појавуваат проблеми од типот да гласач оди на избирачко место и не може да гласа, а има право на глас.

ПРЕС 24: Владата во својата програма 3-6-9 имаше зацртано неколку точки кои се однесуваа на имплементација на препораките од ОБСЕ и ОДИХР за изборниот процес. Премиерот пред некој ден соопшти дека Владата донела одлука за забрана за користење на државни ресурис за изборната кампања. Колку таа одлука во основа суштински го решава проблемот на одвоеност на државата од партијата, а колку таа е само една обична протоколарна одлука?

НОВАКОСКИ: Препораките на ОБСЕ ОДИХР се јавни и достапни. Во конечните извештаи се наведени сите забелешки и ги има доста. А исто имавме многу изборни циклуси, редовни, вонредни и локални и претседателски. Јас не знам кој постапува по тие препораки, но знам кој е надлежен да постапи. Вицепремиерот за европски прашања јавно повика некои кои каснат со имплементација, а и кажа дека ќе има одговорност. Ова што го прави Владата и Премиерот со повик, декларации е само напор да направат нешто во последен момент, а некои тела и надлежни не го направиле. Јас така го гледам ова а посебно активноста на Премиерот да стори нешто, да апелира и тоа е добро, но веќе треба да некој сноси одговорност. Знаете ли вие колку лица се постојано вработени во ДИК? Знаете ли колку други има вработени во надлежни тела-регулаторни, а кои се поврзани со избори. Многу, верувајте многу, и тие треба да вистина се насочат на имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а не да чекаат други да го сработат тоа, да молчат и посочуваат прст на други институции.

МВР ќе си е заврши работата, но МВР не може да ги спроведе изборите, не може владата да го прочисти избирачкиот список, не може владата да едуцира изборни органи. Но, денес мерка за СЛОБОДНИ ,ФЕР и ДЕМОКРАТСКИ избори не е само како тие ќе се организирани и дали ќе се мирни, него се ценат од секоја индивидуална сфера на општествено живеење. Вертикално, на прво место се слободните граѓани, па слободно општество, слободни медиуми, независни невладини организации, ова е БАЗАТА НА СЛОБОДНО ОПШТЕСТВО. Хоризонталната структура која ги креира тие услови е ДРЖАВАТА, која создава слободен амбиент, на меѓусебна доверба, преку владеење на правото, поделба на властите, законодавна, извршна, судска  и создавање независни институции кои ќе гарантираат спроведување на правилата.

Државата мора да најде механизам да се оддели од партиските интереси и други лоби интереси, па и преголема инволвираност на странскиот фактор. Мора лидерските и партиските  интереси да се оттргнат од државните интереси.

Вие сега процените кога ќе добиеме ваква оценка. Последна добра оценка имавме изборите 2009 и тоа може да се провери. Што се случи потоа нека одговорат надлежните. Не може да се кажува дека државата почнува од овие локални избори, во оваа држава многу се вложиле така да секој да го дадеше својот допринос сега ќе зборевме за други теми не за локални избори, за локални ќе збореа само кандидатите. Ние пак ги ставивме локалните на врвот на пирамидата, па затоа ќе се креира и нервоза, посебно во локалните средини помеѓу граѓаните, кои тука ќе ја гледаат егзистенцијата.

ПРЕС 24: Дали овие локални избори ќе бидат вовед во предвремени парламентарни веќе следната пролет?

НОВАКОСКИ:  Мислам дека во парламентот нема доволно слух, ниту желба да се надминат проблемите кои таму се наталожени подолго време. Парламентот ќе заглави во блокада, а после овие локални избори ќе се зголемат апетите на некои помали партии кои ја одржуваат коалицијата, па неминовно ќе се наметне прашањето за предвремени избори. Вие имате ситуација во која можно е да се преземат некои посериозни потези од премиерот, а кои ќе бидат опструирани од дел од коалицијата. Но резултатите од локалните ќе бидат сериозно мерило за идните преструктуирања. Не е исклучена и широка коалиција, за затварање на проблемите со Грција, и со соседите, и брза интеграција на Западен Балкан во ЕУ и влез на РМ во НАТО. Но тоа ќе е приоритет на меѓународната заедница која сметам дека овие прашања ќе сака да ги затвори. Ние сме пред сериозен предизвик, посебно Владата која со вакво тесно мнозинство тешко ќе може да ги донесе овие одлуки, односно ќе ги препушти на граѓаните, а граѓаните не се спремни ниту некој подготвил терен за да прави компромис со својот глас. Јас верувам дека политичките фактори во РМ се свесни за ова, но кога слушам парламент, веднаш се сомневам.

 

 

 

09.09.2017 - 10:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега