Рокот истече на полноќ: Како независни се пријавиле 27 кандидати за градоначалници

На полноќ истече рокот за собирање потписи за независни кандидати за советници и за градоначалници за претстојните Локални избори 2017. Според прегледот по општини на ДИК, граѓаните даваа потписи за 48 независни листи за советници и за 27 кандидати за градоначалници.

Потписи за независен кандидат за градоначалник, според прегледот објавен од ДИК, собираа по двајца кандидати во Битола – Кирчо Ташков и Јорго Огненовски, во Охрид – Горан Китевски и Стевче Стевовски и во Чучер Сандево – Ацо Поповски и Јован Пејковски. Потписи за кандидатури за градоначалник собираа и во Брвеница Енвер Бајазити, во Валандово Стојан Манолев, во Вевчани Господин Попоски, во Гази Баба Тони Ѓуровски, во Градско Глигур Коцев, во Дебарца Јадранка Бибан, во Дојран Тони Ајцев, Зрновци Методи Николов, во Кавадарци Борис Давидов, Карпош Владимир Кофчегарски, Куманово Маријанчо  Анделовски, Македонски Брод Жарко Златески, Могила Стево Пивковски, Неготино Ѓорѓи Ајтов, во Новаци Пецо Мицовски, Петровец Ѕвонко Цветковски, Пробиштип Горан Филовски, Радовиш Јуре Ѓерѓиев, Ранковце Ивица Тошевски, Струга Насто Палиоски и во скопската општина Центар Андреј Жерновски.

Потписи се собираа и за 48 листи за советници, а најмногу – 12 имаше во Македонски Брод, четири во Петровец и три во Радовиш.

Официјално за колку независни советнички листи и кандидати за градоначалници ќе се гласа на изборите закажани за 15 октомври ќе се знае откако општинските изборни комисии ќе ги потврдат листите по неопходните проверки. Според Роковникот за спроведување на Локалните избори 2017 на Државната изборна комисија (ДИК), поднесените листи од страна на независните кандидати и од политичките партии ОИК треба да ги потврди најдоцна до 14 септември.

До 9 септември на полноќ, пак, трае и јавниот увид во Избирачкиот список. Граѓаните увид можат да направат во подрачните оделенија и канцеларии на ДИК и електронски преку апликацијата на веб-страната на Комисијата www.sec.mk.  Од 21 август до вчера увид во Избирачкиот список направиле над 16 илјади лица.

Локалните избори се закажани за 15 октомври. Ќе се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.

 

 

 

05.09.2017 - 09:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега