Литванија силно го поддржува влезот на Македонија во ЕУ

Литванија, како претседавач со Европскиот Совет, силно го поддржува приемот на Македонија во Европската Унија и се надева дека решение за спорот ќе се случи што е можно поскоро, изјави Жугимантас Павилионис, амбасадорот на Литванија во САД, кој вчера ги претстави целите на литванското претседавање.

- Јас бев дел од самитот на НАТО во Романија, кога вашиот случај беше разгледуван. Се сеќавам на разочарувањето предизвикано од ова прашање. Се надевам дека двете страни ќе дојдат до задоволително решение што ќе ја отвори вратата за вашата интеграција кон Запад што е можно поскоро. Ние тоа го поддржуваме колку што е можно повеќе, на дипломатско и техничко ниво. Се надевам дека ќе надвладее нашиот заеднички интерес и дека ќе ги спроведеме нашите обврски кои произлегуваат од одлуката која беше донесена во Солун во 2003 година. Постои процес за разговори и се надевам дека двете страни ќе изнајдат решение што е можно поскоро, изјави амбасадорот Павилионис.

Во неговото обраќање во Националниот прес клуб во Вашингтон, Павилионис изјави дека неговата земја верува во продолжување на политиката на проширување на Европската Унија.

- Ние сме посветени на идејата за Европа, обединета и слободна, рече дипломатот кој во литванското министерство за надворешни работи бил ангажиран на литванскиот прием во Европската Унија.

По Литванија, ротациското претседавање со Европскиот Совет во првата половина на 2014 година треба да го преземе токму Грција. Меѓу главните приоритети на претседавањето на Литванија, Павилионис го наведе економското закрепнување на Европа, за што рече дека е постигнат договор за рамката за утврдување на буџетот на Европската Унија. Како земја зависна од Русија за своите енергетски потреби, Павилионис рече дека високо на агендата на Литванија се европските активности за обезбедување на други извори на енергија, притоа најавувајќи го отворањето на терминал за втечнет природен гас следната година кој ќе овозможи увоз на дел од вишокот американски природен гас за балтичките републики.

Соединетите Американски Држави во изминатите неколку години располагаат со значителен вишок на гас, благодарение на новата технологија на искористување на гасните полиња – фракирањето. Токму за време на обраќањето на амбасадарот Павилионис во Националниот прес клуб, неколку стотици метри подолу актерката Дерил Хана водеше протест против фракирањето, кое го оценува како штетно за животната средина. 

23.08.2013 - 08:59

најчитано сега