Христијан Мицкоски: Груевски е моторот двигател на сите процеси

 

Локалните избори во октомври ќе имаат референдумско значење како никогаш претходно, од причина што овие избори се првиот тест на волјата на граѓаните и можност за одговор на прашањето во какви раце сакаме да припадне иднината на нашите поколенија, вели во интервју за Прес 24, новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочувајќи дека Македонија мора да се врати на здрав и исправен колосек.

Мицкоски не открива колку од актуелните градоначалници ќе ја имаат повторо шансата за изборна трка, но вели дека партијата работи максимално на изборот на најсоодветни кадри.

- Што се однесува до кандидатите за градоначалници ќе има многу нови лица, со кредибилитет и углед во средините каде живеат и работат. ВМРО ДПМНЕ покажа дека има сила за кадровски промени и да понуди шанса на многу нови луѓе. Шанса ќе добијат и оние градоначалници кои покажаа резултати во својата работа и се уште имаат волја и енергија да работат во своите општини и заедно ќе направиме многу повеќе. Пред процесот на одлука за секој кандидат за градоначалник следи процес на анализа и врз основа на таа анализа, највисокиот партиски орган централниот комитет ќе ја донесе конечната одлука. Досега официјализирани се имињата на 5 кандидати за градоначлници, а во периодот што следи ќе има одлуки за многу други кандидатури, вели Мицкоски.

Мицкоски, кој ја доби довербата да биде генерален секретар, смета дека Груевски е моторната сила на ВМРО-ДПМНЕ и не гледа причина за негова смена.

-Во моментот сум генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е функција на која сум целосно сум посветен, и сметам дека Никола Груевски е најдоброто и единствено исправно решение за предводник на ВМРО-ДПМНЕ и тука немам сомневање, одговара Мицкоски на прашањето дали се гледа како иден лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

-Претседателот Груевски беше предводник на 10 последователни изборни победи вклучително и последната. Токму во целиот изминат и сегашен период тој е моторот кој е двигател на сите процеси. И резултатите се очигледни, особено во периодот додека ВМРО управуваше со државата, тој е главен столб на економски политики кој на државата и донесоа над 170 илјади нови работни места, многу нови проекти и илјадници остварени ветувања кон граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ од партија сериозно оштетена на изборите 2002ра година денес имаме модерна и силна партија со бројно членство од 170 илјади членови кое очекува и ќе сработи нова победа на престојните избори. Кај лидерот Груевски го препознавам ентузијазмот и нескршливата волја за работа која сите нас останати соработници исклучително не мотивира, вели Христијан Мицкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Прес24.

ПРЕС24:  Со последната одлука на највисоките тела на партијата, ја добивте една од најодговорните позиции – генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. На оваа позиција доаѓате во период кога по 11 години власт, ВМРО-ДПМНЕ е опозиција. Дали Христијан Мицковски е новото лице на ВМРО-ДПМНЕ?

МИЦКОСКИ: Преземањето на фунцијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ за мене преставува одговорност, но и чест да се биде дел од раководството на партијата во едни турбулентни времиња кога навистина е предизвик да се учествува во процесите кои се значајни и судбоносни за нашата држава. Сметам дека работите е потребно да се одвиваат по еден прирореден тек и стапувањето на оваа функција е токму во времето кога имам доволно енергија, свежина и позитивна волја да го дадам својот придонес за партијата, како и нормален и природен тек на раст низ партиските органи. Од почетните функции кои ги имав во општинскиот комитет и мојот месен комитет, до секретарското место во партијата, верен на моите принципи кои се дел и од моето секојдневие убеден сум дека со мојот личен капацитет можам да помогнам и да направам повеќе.

Наследувам структура која е во добра кондиција, и која истрча и победи на претходните избори, и можам само позитивно да се изјаснам за моите претходници, но воедно сум спремен да ги динамизирам процесите и ВМРО ДПМНЕ како секогаш да биде лидер на полето на партискиот живот и да ги наметнува новите стандарди прилагодувајќи се на новото време. Дотолку повеќе што ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и секогаш спремна да мобилизира и привлече квалитетни луѓе во своите редови и да им даде шанса.

Ме прашувате дали сум ново лице, јас ќе ви кажам дека сум лице кое поминало низ партиските структури и сега кога е оценето дека е потребно спремен сум да го дадам максимумот за партијата, затоа што секогаш ВМРО се водело од она што и треба на државата. Нашата сила е нашиот народ, а народот е нашата држава.

ПРЕС24:  Обично партија која била долго на власт процесот на поминување во опозиција предизвикува многу внатрешни потреси. Каква е сегашната состојба на партијата по општинските комитети. Дали ќе има реорганизација на телата на партијата во пониските структури?

МИЦКОСКИ: Многу се јасни и околностите и начинот на кој ВМРО ДПМНЕ замина во опозиција иако со одличен резултат победи на минатите избори. ВМРО-ДПМНЕ речиси го преслика успехот на изборите од 2014та година и освои најмногу гласови на изборите минатиот декември. 455 илјади граѓани гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Подобра Македонија и тоа е огромен капитал. Но, некој реши да се заобиколи волјата на мнозинството граѓани и беше направена една вештачка, би рекол селотејп коалиција чиј што капацитет е ограничен и со лимитиран рок на траење.

Што се однесува на прашањето дали има внатрешни потреси со одењето во опозиција, ќе ви кажам, опзицијата не е некоја неприродна работа за ВМРО-ДПМНЕ, а на власта никогаш не сме гледале како на привилегија, туку пред се како одговорност спрема граѓаните кои веруваат во нас. Оттука создавањето на селотејп коалицијата, дополнително проследена со грешките кои ги прават и демонстрирањето на неспособноста во управувањето со државните институции дополнително не мотивира и обединува во нашата цел да го превземеме раководењео со државата и враќањето на државата во нормален колосек. Сега сме во фаза на доекипирање и кадровско освежување на општинските комитети, а процесот се одвива низ една транспарентна процедура и воспоставена пракса на огласи за конкурирање. Доаѓаат нови луѓе, кој заедно со искусните кадри на комитетите ќе ја донесат новата победа на изборите. Тоа прилика за наше доекипирање, анализа на работата, корегирање на слабостите и проширување и отворање кон способните и квалитетните. Но и можност граѓаните да ја направат разликата, помеѓу ние кој сработивме илјадници проекти, и актуелната влада која демонстира неспосбност и незнаење. Фактот што партијата на власт се обидува преку притисоци врз обични членови и со закани да влијае врз ослабување на нашата структура го покажува нивниот страв од неуспех на наредните избори, и ќе им посочам дека ние сме ВМРО и нема да не поколеба ниту една закана, а вистинскиот одговор следи на престојните локали избори.

ПРЕС24:  Груевски веројатно е неприкосновен на позицијата, најголем дел од членството е против негово повлекување, но од друга страна веројатно и целиот терет и критики е насочен кон него. Како во таква ситуација да се најде баланс?

МИЦКОСКИ: Во изманатиот период особено во последните три години, ВМРО-ДПМНЕ беше предмет на една од најцрните кампањи во историјата на државата, каде се кажаа многу невистини, многу шпекулации и манипулации. Целта беше да се извалка и девалвира ВМРО ДПМНЕ до мера во која ќе им стане одбивно на граѓаните. А позади тоа се крие добро обмислено сценарио во кое крајниот влог е државата и името. Откако не можеше Социјалдемократскиот сојуз да ги надмине стандардите и летвичките кои ние ги поставивме за репер, било тоа да е за темпо на работа, проекти или пак за принципи и посветеност, тие решија да ги уништат тие стандарди и летвички. Па така тргнаа во масовна црна кампања чија главна цел беше токму претседателот на партијата Никола Груевски кој што е и главен носител на довербата на граѓаните. Значи смислено и со свесна црна кампања. Наспроти ова претседателот Груевски беше предводник на 10 последователни изборни победи вклучително и последната. Токму во целиот изминат и сегашен период тој е моторот кој е двигател на сите процеси. И резултатите се очигледни, особено во периодот додека ВМРО управуваше со државата, тој е главен столб на економски политики кој на државата и донесоа над 170 илјади нови работни места, многу нови проекти и илјадници остварени ветувања кон граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ од партија сериозно оштетена на изборите 2002ра година денес имаме модерна и силна партија со бројно членство од 170 илјади членови кое очекува и ќе сработи нова победа на престојните избори. Кај лидерот Груевски го препознавам ентузијазмот и нескршливата волја за работа која сите нас останати соработници исклучително не мотивира.

ПРЕС24:  Би прифатиле ли предизвик лидер на ВМРО-ДПМНЕ?

МИЦКОСКИ: Во моментот сум генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е функција на која сум целосно сум посветен, и сметам дека Никола Груевски е најдоброто и единствено исправно решение за предводник на ВМРО-ДПМНЕ и тука немам сомневање.

ПРЕС24:  Дали вонреден конгрес на партијата оваа година е една од опциите што се разгледува во ВМРО ДПМНЕ?

МИЦКОСКИ: Наредниот редовен конгрес ќе биде во 2019та година. Не гледам причина за вонреден конгрес.

ПРЕС24:  Локалните избори се првиот предизвик со кој ќе се соочите, а исто и партијата од позиција на опозиција? Што очекувате од овие локални избори?

МИЦКОСКИ: На овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе освои најголем број од гласовите и ќе оствари победа во најголем број од општините. Ќе излеземе со прецизна и добро обмислена програма која ќе биде одговор на најголемиот дел од потребите на самите граѓани. Една од главните одлики на ВМРО-ДПМНЕ е работа, работа и работа. Секако дека може да се најдат забелешки за дел од нашето работење и ние сме отворени за критика, но граѓаните кога споредуваат знаат дека ВМРО-ДПМНЕ е далку подобра опција која нуди сособност, знаење и посветена работа.  Нудиме сигурност. Нема идеални, нема совршени политичари ниту политички партии, и ние не велиме дека сме тоа, но сме далеку пособни и поподготвени за работа, за нови проекти и реализација на ветеното. Од другата страна имаме демострација на неспосбност, непочитување на законите самоволие. Нема подготвеност за бешпоштедна работа, а безброј желби и лажни ветувања. Сите нивни политики создаваат несигурност кај граѓаните, несигурност за работното место, несигурност по безбедноста, несигурност за иднината на своите деца, здравствената заштита, во однос на пензиите, цените на производите и трошоците за живот, нестабилност во однос на политиките кон соседите, нестабилност во однос на иднината на државата. Разликата е видлива и толку очигледна.

Погледнете поминаа скоро три месеци, во Македонија не е влезена ниту една нова странска инвестиција, зголемувањето на пензиите го укинаа, па сега до толку се очајни што прават манипулации и велат годишното зголемување од 2300 денари што всушност е законска обврска за усогласување на пензиите со трошоците за живот било поголемо од тие 670 денари месечно колку што се зголемуваа пензиите кога беше ВМРО ДПМНЕ на власт. Тоа е исто како да мешате круши и јаболки. Односно  мешаат месечно реално зголемување што на годишно ниво е над 8000 денари со нивното годишно усогласување на пензии што не е всушност покачување. Нивниот најголем проект на кој посветуваат внимание е зголемување на даноците, кој нема да донесе повеќе пари во буџетот, а само ќе ја истошти економијата. Убеден сум дека граѓаните ја чуствуваат разликата и дека таа ќе биде пресудна, како и проектите кои ќе ги понудиме, а ќе бидат прецизно и реално одмерени и зад кој ќе стои нашиот кредибилитет дека ќе ги реализираме.

ПРЕС24:  Какви се партиските анализи, дали и колкав процент од актуелните градоначалници ќе добијат доверба за нов избор?

МИЦКОСКИ: Нема да навлегувам во прогнози во бројки, тоа би било несериозно од моја страна, она што можам со сигурност да го кажам дека ВМРО ДПМНЕ приоѓа максимално сериозно и во седиштето и комитетите се работи со полна пареа. По 18 часа во денот поминуваме во подготовка на партијата за избори и на овие избори ќе настапиме отворено и со конкретна понуда кон граѓаните. Ќе понудиме она што највеќе им треба, нови перспективи, и градење на сигурна иднина.

Што се однесува до кандидатите за градоначалници ќе има многу нови лица, со кредибилитет и углед во средините каде живеат и работат. ВМРО ДПМНЕ покажа дека има сила за кадровски промени и да понуди шанса на многу нови луѓе. Шанса ќе добијат и оние градоначалници кои покажаа резултати во својата работа и се уште имаат волја и енергија да работат во своите општини и заедно ќе направиме многу повеќе. Пред процесот на одлука за секој кандидат за градоначалник следи процес на анализа и врз основа на таа анализа, највисокиот партиски орган централниот комитет ќе ја донесе конечната одлука. Досега официјализирани се имињата на 5 кандидати за градоначлници, а во периодот што следи ќе има одлуки за многу други кандидатури.

ПРЕС24:  Дали на овие локални избори повторно ќе се гледа како на некој референдум, или ќе бидат избори кои ќе се фокусираат на локалните прашања за граѓаните?

МИЦКОСКИ: Можеби звучи како клише, но овие избори имаат референдумско значење како никогаш претходно, од причина што овие избори се првиот тест на волјата на граѓаните и можност за одговор на прашањето во какви раце сакаме да припадне иднината на нашите поколенија.

Македонија мора да се врати на здрав и исправен колосек. Секако дека фокус ќе имаме и на локалните прашања. Не е сеедно во каква држава сакаме да живееме во силна и напредна, или во држава која наместо да решава проблеми, создава нови проблеми, во држава каде економијата е главно прашање, или пак политичките проблеми и безаконието го имаат главното внимание.

Погледнете како владата се однесува и кон локалните проблеми. Цела влада, цело лето не може да се справат со пожарот во струшката дива депонија, а тетовчани секојдневно се гушат во црни облаци од чад од локалната депонија. Земјоделците имаат една од најпроблематичните години во последната деценија ипол. Производителите на бостан го фрлаа своето производство, додека министерот за земјоделие отиде на одмор, на производителите на праски им беше ветена државна помош но ништо од тоа. Можам само да замислам со какви проблеми ќе се соочат лозарите и тутунарите.

ПРЕС24:  ВМРО ДПМНЕ, односно пратениците во Парламентот изминативе два месеци наметаа едно жестоко темпо, одамна невидено во Собранието. Најавените интерпелации, дискусиите, прес-конференциите, власта ги толкува како обид за блокада на институциите. Дали е ова примарната цел и колку ова темпо може да биде продуктивно, а колку контрапродуктивно?

МИЦКОСКИ: Не знам како прес-конференциите би значеле блокада на институциите, ниту пак издржаните дискусии во собранието. Напротив тоа е потребен коректив на власта, од друга страна имаме постојани провокации кршења на деловникот во собранието и демонстрирање на благоречено недозволиво самоволие. Имено погледнете што се случи при расправата за разрешување на јавниот обвинител. И покрај јасниот став на антикорупциската комисија дека не може да се разрешува по распишување на изборите, тие демонстрираа уште едно насилие и гласаа разрешување на јавниот обвинител, па потоа претседателот на Собранието се правдаше и повикуваше на имунитет на пратениците. И тука не би рекол дека толку беше проблем Зврлевски колку што беше потребата да се инсталира партиски послушен кадар на обвинителското место, па по теркот на СЈО да се преслика незаконското работење и во обвинителството во пресрет на изборите како би добиле уште еден инструмент за притисок и манипулација. Од друга страна ниту министрите ниту пратениците на СДС демонтрираат било каква активност. Пратениците на ВМРО дадоа предлози за зголемување на платите, за укинување на радиодифузната такса, го дадовме и нивниот предлог за именување на обвинител од редовите на опозицијата, и редица други предлози кои ги одби владеачкото мнозинство. Тоа е показател дека во својата работа не се водат според интересите на граѓаите и воопшто не сакаат да го нарушат сопствениот комфрмирзам.

ПРЕС24:  Дали следната активност на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно по локалните избори ќе биде иницијатива за предвремени парламентарни избори?

МИЦКОСКИ: Нашето барање беше и останува брзи предвремени избори. Локалните избори ќе покажат дека актуелната селотејп коалиција не е кредибилна и делегитимирана. Откако ќе освоиме најголем број на гласови, советници и градоначалници, природно е владата на СДС да распише брзи предвремени парламентарни избори.

ПРЕС24:  СДСМ најавуваше дека главен приоритет ќе бидат реформите, економските процеси и јакнење на правната држава. Кои се вашите оценки за досегашното владеење на СДСМ?

МИЦКОСКИ: Имаме директен атак врз правната држава и еклатантни примери, а непочитување на законите по повеќе основи.

Една од нивните стратегии ќе биде на делегитимирање на нашите градоначалници преку делување на актуелната спрега на интереси помеѓу власта и дел од судиите. Првите значи почнаа да ги покажуваат преку монтираите случаи со кавадаречкиот и прилепскиот градоначалник. Замислите градоначалникот на Кавадарци дозна дека е осуден од еден провладин медиум. Во истиот случај имаме сведок кој ја менува својата изјава и без никаков материјален доказ се уважува неговата сменета изјава. Самиот обвинител бара казна од 150 евра, а судијата изрекува затворска казна. Следен случај беше прилепскиот градоначалник и за да иронијата биде поголема тој се товари за тоа што не ја заштитил зградата на општината од нагрдување, а оние кој ја фарбаа и уништуваа влакно не им фали. Се работи за кординирана политичка хајка за оцрнување на градоначалниците.

Вториот сегмент е безаконието кое го демонстира владата преку незаконските разрешувања и именувања на некомпетентни кадри. Па така имаме случаи каде историчари се прават за спортски експерти, луѓе со несоддветно образование се редат за менаџери на институции, случаи каде имаме мешање на надлежности па наместо собранието владата именува функционери, а да не зборуваме за прекршувања и именувања на луѓе со недоволно работно искуство и без познавање на соодветен странски јазик. Тоа е типичен пример на насилие врз законите и потценување на граѓаните.

Од друга страна имаме катастрофални економски политики. За два месеци девизните резерви се намалени за над 177 милиони евра, државата секојдневно се задолжува, а градежништвото кое беше главната локомотива на напредок стагнира. Тоа неминовно не турка во рецесија и ќе дојде време кога ќе се доведе во прашање исплата на плати пензии и други тековни обврски. Буџетот нема да може да го издржи недомаќинското работење на владата, а цехот ќе го платат грѓаните.

За неполни три месеци работа имаме нула резултати во економијата. Луѓето се без концепт и не се луѓе на кои може да се потпре обичниот човек.

 

Мојата загриженост е пред се како човек кој ја разбира економијата а потоа како човек кој има политичка обврска да предупреди дека државата оди кон бездна после која нема враќање.

 

 

 

22.08.2017 - 12:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега