Почнува процедурата за избор на нов јавен обвинител

Владата на Република Македонија денеска на редовна седница ќе му препорача на Собранието да ја почне процедурата за избор на нов јавен обвинител.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски во петокот на прес-конференција најави дека Владата на седницата ќе постави на дневен ред Предлог-заклучок, со кој ќе му предложи на Собранието да го огласи именувањето на  јавен обвинител.

Според член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на РМ по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија" и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во  „Службен весник".

Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

Потоа, како што појасни Бошњаковски, постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.

Бошњаковски рече дека основна цел на Владата при изборот на нов јавен обвинител ќе бидат интересите на граѓаните и додаде дека веднаш по добивањето на мислењето, Владата ќе го постави изборот на јавен обвинител на првата наредна седница.

- Ќе се бира професионалец, односно личност од професијата со дигнитет и достоинство кој ќе го врати угледот на позицијата јавен обвинител, ќе го почитува законот и Уставот и ќе постапува еднакво, непристрасно и одговорно во делење направдата и воедно ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудните институции, рече Бошњаковски.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.

На предлог на Владата, Собранието на РМ на 17 август го разреши Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија. Во причините за разрешувањето Владата наведе дека Зврлевски ја вршел функцијата незаконито, ненавремено и недоволно стручно. Со своето однесување и дејствување, според Владата, покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед. 

 

 

 

22.08.2017 - 08:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега