ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС сака да ги замолкне работниците

Владата на СДС сака да ги замолкне работниците. Граѓаните чекаат отворање на нови работни места и повисоки плати, а СДС става рака над синдикатот кој треба да ги штити интересите на вработените.         Граѓаните чекаат просечна плата од 30 000 денари и минимална плата од 16 000 денари, а СДС наместо да го испорача ветувањето го презема синдикатот за да се осигура дека ќе биде задушен секој револт од катастрофалните економски политики, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата обвинуваат дека СДС ја осиромашува државата и граѓаните и креира хаос и несигурност во економијата.

-Затоа им е неопходно да го преземат синдикат. Затоа не се воздржуваат тоа да го направат и на сила, надвор од законот. Партиската полиција на Оливер Спасовски, даде асистенција за влез во просториите на ССМ на лице блиско до СДС. Скандалот да биде поголем, тоа е сторено врз основа на решение со кое се одбива неговото барање за упис во Централниот регистар како овластено лице на синдикатот. МВР на Спасовски постапи надвор од процедура, дозволувајќи партиските наредби да бидат над законот и со закон пропишаните норми, стои во соопштението на партијата.

СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ, брза пред најавените покачувања на даноците и придонесите да ги стави синдикатот и работниците под своја контрола, како би си обезбедиле молк за погрешните економски политики кои ги влечат.

-СДС сака да ги замолкне работниците и да обезбеди вештачки мир, во очи на најавените даночни зголемувања, кои неминовно ќе генерираат отпуштања. СДС ги става под своја капа синдикатите и ги  замолкнува во пресрет на се поголемите задолжувања кои планираат да ги извршат во идниот период. Правото на синдикално организирање е загарантирано со Устав и истото не смее да биде загрозувано од ниедна власт. Одговорност за незаконскиот упад во синдикатот мора да има и ќе има. Хаосот што го креира СДС нема да трае вечно. На неодговорното работење и на насилството што го промовира СДС ќе му биде ставен крај. Сите инволвирани ќе одговараат кога ќе се врати правната држава. Граѓаните ќе почнат да си ја враќаат својата држава на 15 октомври. Тогаш Заев ќе биде казнет за зло- делата што и ги прави на Македонија и нејзините граѓани, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

 

16.08.2017 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега