Шеќеринска: Комисијата ќе го донесе извештајот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати одговорноста

Единствената стратегија која што ја слушаме од ВМРО – ДПМНЕ секој пат кога државата се соочува со проблем, е да се бараат виновници и прстот да се покажува кон другите.

Тоа го слушнавме и денеска од страна на премиерот Груевски, за еден од клучните проблеми кој што ја мачи и Македонија и македонските граѓани. Тие бараат решенија, а не бараат виновници.

Меѓутоа, токму поради тоа сакаме да го потсетиме и премиерот и да кажеме дека откако беше потпишан 1во мартовскиот договор, СДСМ се врати во Собранието, учествуваше на Локалните избори, учествува или ќе учествува и на пленарните седници и на комисиите за работа во Собранието на Република Македонија и даваше серија на иницијативи како да се врати во игра анкетната комисија.

Клучното прашење кое ниту денеска, ниту вчера, ниту завчера Груевски не го одговори е што тој и ВМРО – ДПМНЕ направија за да овој проблем го оставиме зад нас?

Затоа и во текот на денешниот ден гледаме сценарија за да се минираат разговорите, а не за да се реши проблемот. Жалиме околу тоа, но ние и понатаму ќе останеме факторот кој што ќе се бори за интересите и на оваа држава и на граѓаните на Република Македонија.

Ќе повторам по не знам кој пат дека, доколку премиерот и ВМРО – ДПМНЕ одлучат барем еднаш да ги стават државните интереси и интересите на граѓаните пред своите партиски и рејтинг интереси, јас сум убедена дека е можно решение. Впрочем, она што се случи на 24 Декември на сите им беше јасно. Она што покажаа снимките на 24 Декември им е достапно на сите граѓани на Република Македонија, па и на меѓународната заедница, и токму тоа е причината за бегство од одговорноста на ВМРО – ДПМНЕ, затоа што јасно е кој на 24 Декември ги исфрлаше новинарите на улица и кој ги исфрлаше пратениците надвор од собраниската сала. Во тие моменти беа погазени и уставот и македонските закони. Ние сметаме дека Анкетната комисија е возможна и дека Анкетната комисија ќе даде резултат кога сите оние кои што носеа одговорност за таквите одлуки, својот дел од одговорноста ќе си го прифатат. 

(Интегрален текст од изјава на Радмила Шеќеринска, заменик претседател на СДСМ)

22.08.2013 - 21:19