Пожарникарите не можат да го изгаснат огнот кој беснее околу Битола

 

Пожарот што го зафати ридот над Црнобуки и Лисолај како последица на ветерот, попладнево се прошири кон Лопатица. Зафаќа речиси шест рида поради што е неизвесно неговото локализирање. Дел од шумата и пасиштата се веќе уништени.

Како што соопшти Општина Битола, противпожарните единици интервенираат на теренот со сите расположливи средства. Поради конфигурацијата и непристапноста на теренот, ангажирани се и два хеликоптера на АРМ.

Покрај екипи на територијалната противпожарна единица од Битола, на терен се и работници од Кајмакчалан и доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Пегаз“.

- Се работи за борова шума која многу брзо гори, а ветерот дополнително ја комплицира состојбата. Моментно интервенираме со два хеликоптера кои ќе гаснат додека не се стемни, но многу лесно се прават нови жаришта, изјави градоначалникот на Битола Владимир Талески.

Според ситуацијата на терен, имотот и мештаните се максимално заштитени.

- Ќе направиме стратегија со Центарот за кризи, а за вечер е закажан состанок со Кризниот штаб. Рано наутро ќе пуштиме екипи на повеќе места, соопшти Талески.

Од противпожарната единица информираат дека нема опасност огнот да стигне до манастирот кој се наоѓа на ридот, зашто таму веќе има луѓе кои би го спречиле тоа

22.08.2013 - 21:05

најчитано сега