Инцидентот во Атланта можел да се претвори во нов Њутаун

 

Полицијата во американскиот град Атланта информира дека инцидентот во вторникот можел да се претвори во нов училишен масакр по примерот на трагедијата во градот Њутаун.

Душевно болен човек вооружен со пушка која личела на автоматот калашњиков, дошол во основното училиште Роналд Мекнер во предградие на Атланта и се обидел да влезе во училниците. Антоанет Таф, службеничка во училиштето, успеала да повика полиција и низ разговор да го убеди човекот да се предаде, откако испукал неколку куршуми кон полицијата и внатре во училиштето.

Мајкл Хил (20), со себе понел поголем број шаржери и почнал да ги полни со куршуми пред стаписаната службеничка во училиштето во кое имало неколку стотици деца.

Полицијата подоцна изброила околу 500 куршуми. Тој рекол дека се чувствува безнадежно и дека престанал да ги пие лекарствата за неговата душевна болест.

За време на инцидентот, кој траел околу 25 минути, службеничката се обидувала да го смири Хил, и на крајот го убедила да го положи оружјето и да чека полицијата да влезе и да го уапси без инцидент.

- Му зборував дека и мене ми е тешко во животот, за мојот развод со сопругот по 33 години заеднички живот. Се молев за него. Во еден момент се обиде да помине низ вратата, натаму каде што беа децата, но го повикав назад и продолжив да зборувам со него, да го смирувам и да го убедам да остане во канцеларијата со мене. Знаев дека ако излезе надвор, ќе почне да пука по децата, изјави Таф. Братот на напаѓачот изјави дека Мајкл Хил имал тешки душевни проблеми, подметнал пожар во семејната куќа и обивал продавници и цркви.

- Имав претчувство дека еден ден ќе стори нешто глупаво, но не очекував нешто толку сериозно, изјави Тимоти Хил, брат на напаѓачот. Инцидентот во Атланта ги загрижи граѓаните во САД, каде јавноста се уште е вознемирена од нападот врз основното училиште Сенди Хук во градот Њутаун, каде болен човек уби 20 деца и шест вработени.

22.08.2013 - 08:36

најчитано сега