Канцеларијата на јавната обвинителка на Венецуела под „опсада“ од Националната гарда
Во центарот на Каракас околу 30 припадници на Националната гарда ја опколиле канцеларијата на јавната обвинителка на Венецуела, Луиса Ортега.
Таа на Твитер напишала дека станува збор за „опсада“, која преку порака на социјалната мрежа „им ја пријавува на националната и меѓународната заедница“.
- Одбивам опсада на седиштето на Јавниот обвинител. Им го пријавувам овој самоволен чин на националната и меѓународната заедница, се наведува во твитот на Ортега.
Акцијата на гардистите е извршена рано изутринава и би можела да претставува вовед во смена на Ортега, која некогаш беше лојална соработничка на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, а во април оваа година ги поддржа антивладините протести. Нејзина смена би можело денеска да изгласа новоизбраното Уставотворно собрание.
Владата засега се уште нема објаснето зошто биле испратени гардистите да го блокираат влезот од канцеларијата на јавната обвинителка, а Ортега на Твитер објави фотографии од движењето на владините воени единици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа