Андоновска: Министерството за здравство стана синоним за негрижата и неодговорноста на оваа власт

Министерството за здравство стана синоним за негрижата и неодговорноста на оваа власт. Токму во ова министерство спротивно на законот беа разрешени над 50 директори на здравствени установи со што се загрози и сруши професионалноста и функционирањето на целокупниот здравствен систем, изјави денес Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

-СДС заедно со нивниот приврзок министерот Таравари прави вистински масакар во здравството, што за жал ќе има сериозни последици по пациентите. Се врши директен атак врз професионалци во здравството и се потценува нивниот труд, нивниот ангажман и нивниот придонес. За ситуацијата да биде уште позагрижувачка токму на една од најодговорните позиции во ова министерство, државен секретар, спротивно на закон е именуван Владимир Милошев претходно вработен во клиничката болница во Штип, а не во Министерството со што е прекршен законот за администрација, вели Андоновска.

Таа додава дека ова министерство е премногу сериозно, од него зависи целокупната здравствена грижа на граѓаните на Македонија, за некој вака бесрамно и бесправно да го руши и дерогира.

-Во министерството за здравство безочно е прекршен законот. Согласно законот односно Членот 23 став 6 јасно вели дека Секретарот од ставот (1) алинеја 1 на овој член од редот на административните службеници од категоријата Б, односно од редот на раководните вработени го назначува министерот и истиот треба да ги исполнува посебните услови за работното место за нивото Б4 на раководни административни службеници, вели таа.

Андоновска смета дека ова повлекува и одговорност на министерот Таравари.

-Тој со непрофесионален и некомпетентен кадар како Милошев ја пополнува позицијата државен секретар која треба да менаџира и да контролира работа на здравствени установи и здравствени ресурси. Ете заради ваквата работа во министерството за здравство се случува поради хеморагична треска од најслаб облик да ни се случи епидемија, две човечки жртви и десетици хоспитализирани. Предупредуваме дека поради ваквото индолентно и неодговорно однесување во иднина може да настанат уште поголеми штети по здравствениот систем и што е полошо по здравјето и животот на граѓаните. Заради ваквата неодговорност и неспособност СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните, изјавува Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

04.08.2017 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега