Ружин: Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО

 

Реални и оправдани се очекувањата Македонија да стане 30-та членка на НАТО, оценуваат политичките аналитичари по завршувањето на Самитот на земјите од Јадранската повелба што изминатите два дена се одржа во Подгорица, Црна Гора. 

Македонскиот премиер Зоран Заев заедно со премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ, беше кодомаќин на Самитот на кој оствари кратка, но многу значајна средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Заев рече дека Македонија ја интензивира соработката со земјите во регионот и изрази надеж дека ќе се забрза процесот на интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ. На Самитот на земјите од Јадранската повелба учествуваа и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи, Србија, со премиерката Ана Брнабиќ, Косово со претседателот Хашим Тачи и Словенија со премиерот Миро Церар. Заев во обраќањето на Самитот нагласи дека Македонија очекува да стане 30. членка на НАТО.

Нано Ружин, политички аналитичар и поранешен амбасадор во НАТО за Плусинфо вели дека повеќе параметри потврдуваат дека Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО. Ваквите очекувања тој ги темели, пред сѐ, поради фактот што досегашните чекори на Македонија по евроатлантскиот пат се далеку понапред во споредба со Косово и БиХ, така што логично е по Црна Гора нашата земја да стане дел од Алијансата. 

- Косово и БиХ се зад нас, а Србија е незаинтересирана за НАТО. Всушност, со влегувањето на Македонија во Алијансата ќе се затвори синџирот на членството во НАТО за земјите од Западен Балкан – вели Ружин.

Тој смета дека простор за оптимистички очекувања отвора и фактот што новата Влада без предрасуди ја врати Македонија на евроатлантскиот пат, за разлика од аморфната про-атлантска стратегија на претходната власт. Во овој контекст, своја посебна улога имаат и пораките и конкретните чекори што ги презема владата на Заев прокламирајќи добрососедски односи и пријателство.

Тој истакнува дека, сепак, геостратешката положба на земјава е голем адут, затоа што безбедна Македонија е гаранција и за безбедноста на целиот регион. 

Во однос на долгогодишниот спор со Грција, Ружин смета дека Македонија во дипломатските потези што ќе ги презема во иднина, треба пред себе да ја има Привремената спогодба со Грција што Македонија ја потпиша во 1995 година, а во која нашиот јужен сосед се обврза дека нема да ја блокира земјата под привремената референца. Поранешниот дипломат препорачува ако е можно да се побара од нашите сојузници во НАТО да констатираат дека геополитичката структура од 2008 и содржината на завршното Комунике од Букурешт е надмината и дека за членството на Република Македонија во НАТО пожелно е да се бараат нови критериуми, главно содржани во Договорот од Пржино и мониторингот на европскиот експерт Рајнхард Прибе.

Ружин оценува дека Комуникето од Букурешт од 2008 е стар документ кој не ја одразува геополитичката реалност на Балканот.

- Десет години се долг период во меѓународните односи. Во изминатите десет години се случија многу геополитички и геостратешки промени на Балканот и пошироко. Регионот на Западен Балкан влезе во една смирувачка и безбедносна фаза, Косово се здоби со независност, БиХ се стабилизира, а Белград и Подгорица воспоставија функционални дипломатски односи – вели Ружин.

Тој потсетува дека во Декларацијата од Букурешт никаде не пишува дека РМ не би можела да биде примена во НАТО, под привремената референца дотолку повеќе што и во Привремената спогодба потпишана помеѓу Република Македонија и Грција од 1995, се вели дека Атина нема да го попречува влезот на Македонија во мултилатерални и регионални институции под привремената референца.

 

 

 

03.08.2017 - 18:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега