СДСМ: Јавното обвинителство сериозно да го разгледа проектот „Скопје 2014“

Помина речиси една недела откако до Јавното обвинителство беше доставен ревизорскиот Извештај за утврдување на фактичката состојба со финансирањето на проектот „Скопје 2014“ од општина Центар, во кој што е констатирано дека незаконски се потрошени 58 милиони евра народни пари.

СДСМ го повикува и охрабрува Јавното обвинителство, согласно своите надлежности, да ги започне законските активности за кривичен прогон на лицата инволвирани во оваа афера.

Граѓаните на Македонија со право очекуваат да биде утврдено и обзнането кои се 57 лица кои што за авионски карти и сместувања во Италија потрошиле 1,5 милиони евра.

Ова значи дека, во просек, секој од нив, поединечно, потрошил 26 илјади евра, што е еднакво на 10 годишни просечни плати на македонскиот граѓанин.

При тоа, на пример граѓаните треба да знаат, во кое својство и од кои причини тогашниот претседател на Советот на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Здравев, патувал во Италија дури 8 пати?

Прекумерното и неоправдано трошење на народните пари при реализација на овој проект, најсликовито може да се види дека при изработката на само еден споменик,(на М.А. Ченто), вајарите добивале дури до 700 евра, односно преку 42 илјади денари месечно цели, 9 месеци.

Надвор од овие хонорари, дополнително, само за храна и пијалаци, овие лица потрошиле 9.000 евра, што значи по 2.000 денари дневно во услови кога просечниот македонски граѓанин едвај излегува на крај секој месец со својата плата.

Ова се само некои примери што упатуваат на тоа дека нема здрава логика во политиките на власта.

 

СДСМ бара од Јавното обвинителство веднаш и со најголема сериозност да го разгледа контроверзниот проект „Скопје 2014“ што минатата недела доби и официјална потврда во наодите на ревизијата. 

(Интегрален текст од прес-конференција на Петре Шилегов, портпарол на СДСМ)

21.08.2013 - 15:19

најчитано сега