Сите државјани на Нов Зеланд смее да бидат прислушкувани

Парламентот на Нов Зеланд, со минимално мнозинство, го усвои законот со кој на безбедносната агенција ГЦСБ (владин центар за прислушување) и се дозволува да ја надгледува комуникацијата на сите државјани и на оние кои имаат право на жителство во оваа островска земја.

За владиниот предлог, гласаа 61 пратеник, а 59 беа против. Досегашниот закон дозволуваше шпионирање само на лицата кои се резиденти, но не се државјани на Нов Зеланд.

Зголемувањата на правата за прислушување од домашната безбедносна агенција доаѓа по бурната и продолжена расправа во новозеландската јавност околу случајот со интернет милионерот Ким Дотком, кој е Германец, но има статус на жител во Нов Зеланд.

Домашните безбедносни власти и агенцијата ГЦСБ соработува со Американците во истрагата против Ким Дотком околу сомневањето за интернет пиратерија и за перење пари. Дотком ги демантира сите обвинувања против него, но тој се уште се соочува со можноста да биде депортиран во САД. Еден суд во Нов Зеланд, во март оваа година пресуди дека Дотком може да поднесе тужба против владината агенција ГЦСБ, затоа што бил шпиониран.

Новозеландскиот премиер Џон Ки, за време на дебатата околу усвојувањето на новите законски мерки, изјави во Парламентот во Велингтон дека законот не предвидува општо шпионирање и прислушување на сите Новозеланѓани и на луѓето кои таму живеат.

Законот ќе се применува само во исклучителни ситуации,за да и се помага на полицијата, вети премиерот Џон Ки.

21.08.2013 - 14:43

најчитано сега