Иванов: Да се расчисти 24 декември - државата не смее да биде жртва на партиски интереси

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,  внимателно ја следи и редовно е информиран за текот на работата на ад хок Комисијата за расветлување на настаните пред и на 24 декември 2012 година, информираат од неговиот кабинет.

Иванов не го крие задоволството што власта и опозицијата уште еднаш покажаа посветеност и доблест да седнат на заедничка маса, и покажаа волја за дијалог и за изнаоѓање на заедничкo решение.

Тој очекува од сите инволвирани страни, до крај, да бидат конструктивни и одговорни и да ги исполнат преземените обврски, со цел Комисијата во најбрзо време успешно да ја заврши работата и да биде усвоен извештајот, кој ќе даде соодветен одговор и препораки.

 „Настаните пред и на 24 декември, во и надвор од Собранието, мора да бидат разјаснети, и вакви настани и сценарија повеќе не смеат да се повторуваат. Пред се, затоа што интересите на државата во ниеден случај не смеат да бидат жртва на тесно-партиските интереси и дневната политика, особено не на интересите на поединци и затоа што тоа го заслужуваат и го очекуваат граѓаните на Република Македонија од сите нас. Конечно, затоа што е потребно да се дадат сите домашни аргументи во полза на  европската интеграција на Република Македонија “, оценува претседателот Иванов

Македонскиот Претседател уште еднаш порачува дека обврска на сите политички партии е оваа ситуација да биде надмината, да бидат усвоени и спроведени препораките на Комисијата и политичкиот дијалог да се одвива во рамки на државните институции.

21.08.2013 - 14:19

најчитано сега