Лидерот на австралиската опозиција засега фаворит кај граѓаните

Лидерот на австралиската, опозициска Либерално-национална коалиција Тони Абот, на 17 денови до парламентарните избори во Австралија, има солидна предност, пред актуелниот премиер и лидер на владејачките лабуристи Кевин Рид.

Доколку сега би се одржале изборите, Абот би освоил 54, додека Рид би добил 46 отсто од гласовите на Австралијанците, покажува последното испитување на јавното мислење, што го спроведе весникот „Аустралиан“.

Рид кој на последните парламентарни избори победи и стана премиер, беше соборен од власта, со партиски пуч што во 2012 година го извршија неговите партиски противници, предводени од Џулија Гилард. Од тогаш, Рид и неговите сојузници се обидуваа на неколкупати да ја тргнат Гилард од лидерската и премиерската функција, но не успеаваа се до јуни годинава.

По поразот на партиското гласање за доверба, Гилард поднесе оставка и се повлече од политиката, а Рид се врати во премиерската функција, настојувајќи да ја поврати довербата во партијата и да освои уште еден мандат.

Откако Рид е на лидерската функција, лабуристите успеаја да ја намалат големата разлика што ја имаа спрема десноцентристичката опозиција, но истражувањето на „Аустралиан“ покажува дека гласачите и натаму не им веруваат на партијата и на Рид.

Аналитичарите во Сиднеј оценуваат дека Кевин Рид има тешка мисија до 7 септември, кога ќе се одржат изборите, да ги убеди Австралијците дека расправиите и делбите во неговата партија се минато и дека лабуристите ќе можат да ја водат Австралија во следните четири години. 

21.08.2013 - 13:55

најчитано сега