Огромен интерес за изложбата на „Остен“ во Прага

 

Свеченото отворање на изложбата на Светската галерија „Остен“ во Прага, во Галеријата на уметничката критика, предизвика голема интерес и посетеност.

- Оваа изложба е уникатна по тоа што прикажува разни дела на уметници, кои претставуваат прекрасни изрази на светската култура. Собраните дела   овозможуваат детален поглед на извонредните промени во областа на модерната и актуелна уметност, рече на отворањето македонскиот амбасадор во Чешка, Паскал Стојчески. Тој оцени дека изложбата е единствена и поради карактеристичните дела кои се креираат со различни техники на хартија, цртање и графика, како и со разновидност на различни стилови, изразувајќи се преку разни уметнички јазици, стилови и периоди. 

Заблагодаруваќи му се на неговиот колега, чешкиот амбасадор во Македонија Јозеф Браун, за помошта при промоцијата на културната размена меѓу двете земји, Стојчески изрази надеж за продолжување на соработката со  истиот ентузијазам како досега.

Чешката кураторка Власта Чихакова-Ноширо пред присутните гости од уметничката, политичката и јавната сфера потенцираше дека сега кога Светската галерија на цртеж од Скопје првпат е претставена во Чешка, таа ќе се труди да ги поттике младите чешки уметници со свои дела да учествуваат во иднина.

- Цртежите се еден вид посебна визуелна уметност, која не е едноставна и лесна и која овозможува симболично изразување, рече чешката кураторка, додавајќи дека ја радува што оваа манифестација не прави ограничувања и секој може да учествува со графика, акварел или друга техника.

Таа рече дека во новото време на дигитализацијата, хартијата му дава ширина и разновидност на уметничкото изразување.  

- Целта и суштината на „Остен“ е да се промовира уметноста на хартија во модерното технолошко време. Тоа е трајна вредност која треба да се промовира и да не се заборава линијата и цртежот, додаде извршната директорка на „Остен“, Корнелија Конеска. Таа ги запозна присутните со концепцијата на манифестацијата Светска галерија на цртеж, која се состои од две меѓусебно поврзани биенални манифестации. 

Првиот дел е „Биенале на цртеж", кој е конкурс за цртеж и неколку други категории за уметност на хартија, каде учествуваат уметници од целиот свет. Централен настан е изложба на одбраните дела и објавување на наградите.  Вториот дел е „Остен Биенале“ на наградени автори, а се одржува во непарни години и има натпреварувачки карактер. Главен настан е изложбата на Остенови уметници на годината во рамките на Програмата за престој на уметници „Златен остен“. 

Во напорите да се создаваат трајни вредности, а со цел да се зачува колекцијата која брои 5.500 дела од различни автори од 70-тина автори од целиот свет, од минатата година е основан и Остен-Музејот на цртеж. 

- Со музејот, кој е прв од ваков вид во светот, сметаме дека сме ги поставиле основите за понатамошно собирање, заштита и чување, но и за претставување на сите дела кои се депонирани, рече Мице Јанкуловски, директор на Галеријата „Остен". 

Јанкуловски симболично ја поврза посетата на „Остен“ во Чешка, спомнувајќи дека првиот цртеж во колекцијата кој е обезбеден уште во 1972 година, бил од истакнатиот чешки графичар Афолф Борн, кој исто така присуствуваше на отворањето на изложбата. 

Борн е еден од најпознатите чешки илустратори за деца и млади, сликар и графичар.  Досега реализирал околу 150 изложби, бил ликовен соработник на 65 филма, автор на анимирани филмови и на карикатури и неговите сонародници го нарекуваат „уметник кој за време на животот прерасна во жива легенда“.

Изложбата „Остен - уметност на хартија", која во Прага ќе трае до 15 септември, ги претставува наградените трудови од меѓународното Биенале на цртежи и карикатури кое се одржува во Скопје, меѓу кои се уметничките творби на Ниче Василев, Павле Кузманоски, Васко Ташкоски, Тони Шулајкоски, Росица Лазоска, Кристо, Јоже Циуха, Пабло Пикасо, Виктор Вазарели, Димитар Аврамовски Пандилов, Каи Савелсберг, Марк Фризинг, Петер Хејдек, Стефан Бергер, Златко Гламочак, Глигор Чемерски и други наградени автори.

21.08.2013 - 08:58

најчитано сега