Димовски: Буџетот ги крати капиталните расходи, но ги зголемува трошоците за плати спрема државната и јавна администрација

Во процедура во Собрание на Република Македонија е разгледување на ребалансот на Буџетот за 2017 година, должиме јасна и концентрирана порака спрема јавноста дека станува збор за целосно неразвоен концепт на ребаланс на Буџетот, непродуктивен, кој што ќе го забави развојот економијата односно ќе предизвика нејзина целосна стагнација. За жал овој Буџет ги крати капиталните расходи, но ги зголемува трошоците за плати спрема државната и јавна администрација, истакна на денешната прес-конференција Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Илија Димовски.

Би сакал да потенцирам дека СДСM е политичка партија која што е позната по лошите економски политики во минатото. Поради тие политики СДСМ остави преку 200 илјади граѓани на улица и преку 600 фабрики и фирми кои беа затворени и се продуцираше најголемата стапка на невработеност од 38%.

За да се санираат тие наследени штети од влдеењето на СДСМ на Македонија и требаа 10 години. Преку спроведување на огромен број на проекти и реформи од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години се креираа нови 174.000 нови работни места и успеавме да ја симнеме стапката на невработеност на рекордни 22,9%.

Со првиот ребаланс на буџетот кој што го предлага СДСМ уште еднаш покажуваат и докажуваат дека тие воопшто не ја разбира економијата. Не разбираат како да се продуцираат позитивни економски резултати.

Овој ребаланс на буџет кој го предлага СДСМ е неразвоен Буџет кој што ќе ја врати  економијата назад. Лош е за граѓаните, лош е за фирмите, лош е за странските инвеститори, лош е за домашното стопанство,лош е за пензионерите, лош е за примателите на социјална помош, лош е за градежништвото, лош е за студентите и младите лица, генерално нема да продуцира никаков позитивен развој. Со овој ребаланс на Буџетот сите ветување кои што СДСМ ги даваше пред да дојде на власт се докажаа дека биле лажни. Целата кампања која што ја водеше СДСМ се докажа дека е лажна.

СДСМ во својата изборна кампања ветуваше стапка на раст на БДП од 6-7%, со овој ребаланс Буџет проектираат раст од 2,2%. Дозволете во име на целата пратеничка група да кажам дека нема шанси да го достигнат овој раст од 2,2%. Ние носиме целосна морална одговорностза да тврдиме дека ниту 2,2% раст на БДП нема да биде постигнат благодарение на концептот на овој ребаланс на Буџет. Значи, е напумпан од очекувањата, визави проекциите кои што ги има направено во ребалансот на Буџетот.

СДСМ десет години ги лажеа граѓаните и ја критикуваа предходната Влада дека се претерува со задолжувањата, а сега за само 48 дена се задолжија за 71 милион евра или уште појасно во ребалансот на Буџетот предвидуваат зголемување на задолжувањето на Република Македонија за 148 милиони евра повеќе од она што било проектирано од предходната Влада. Значи благодарение на промената на власт македонија ќе се задолжи за 148 милиони евра повеќе. Наместо да одат со намалување задолжувањето како што ветуваа 10 години наназад, СДСМ проектира зголемување на задолжувањето и тоа 48 милиони евра во домашното задолжување, значи 48 милони евра ќе испумпаат од економијата, од стопанството и ќе го намалат потенцијалот за инвестиции и за развој и 100 милиони од странско задолжување.

Паралелно со тоа го укинуваат проекти кои што се значајни за развојот во Република Македонија. 10 години критикуваа дека нема капитални инвестиции, а сега ги кратат од Буџетот. СДСМ ги стопира и сите големи капитални инвестиции кои што се во тек на реализација кои што едат преку јавните претпријатија, државни или локални и тука би сакал да ги издвојам проектот за автопат Штип-Миладиновци, проектот за автопат Кичево-Охрид, експресниот пат Штип-Кочани, експресниот пат Градско-Прилеп, Клиничкиот центар во Скопје, Гасификацијата, Водоснабувањето во Гевгелија. Ова беа проекти кои што беа започнати и кои што СДСМ одлучи да ги стопира со што дополнително негативно ќе влијае на економскиот развој на Република Македонија односно ќе направи стагнација, а во одреден сегмент можеби и рецесија во одредени индустриски средини.

Со овој ребаланс Буџет капиталните инвестиции во Република Македонија се намалуваат за 58 милиони евра. Тоа ќе значи 58 милиони евра помалку инвестирани од државата во стопанството. Од една страна 48 милиони евра повеќе ќе земат од стопанството заради домашно задолжување, а ќе внесат за 58 милини евра помалку со намалените капитални инвестиции односно само по овие две ставки стопанството во Република Македонија ќе има на располагање помалку од 100 милиони евра за да исплати плати, за да исплати придонеси, за да исплати  даноци, или да реинвестира. Ова е катастрофа која што ќе донесе далекусежни последици.

СДСМ десет години критикуваа за висок проектиран и остварен дефицит. Сега кога првпат имаат шанса да дејствуваат во таа насока наместо да ја искористат оваа состојба, тие повторно проектираат буџетски дефицит од  2,9%. Значи сето она што го зборуваа до пред неколку месеци сега не важи. Тие ветуваа дека ќе го намалат дефицитот дури и предлагаа закони во Собранието за ограничување на дефицитот, сега тоа не важи. Сега си продолжуваат со политика на задолжување дури и го зголемуваат задолжувањето на Република Македонија.

СДСМ во изборите ветуваше зголемување на социјалната помош кон граѓаните и пензиите, во овој ребаланс нема ниту денар предвиден за зголемување на овие ставки, нема да се зголеми  социјалната помош и пензиите за жал. Покрај тоа што сметаме дека овој ребаланс на Буџет не е развоен и не е добар за економијата и државата ние сметаме дека со овој Буџет ниту најмалку се решаваат било какви конкретни проблеми на граѓаните освен што во овој Буџет се предвидени зголемувања на плати за нови партиски вработувања. Јас би сакал да ве информирам дека само во 16 ставки кои што ги погледнавме предвидени се дополнителни средства од 300 милиони денари за плати, надоместоци, патни и дневни расходи и други договорни услуги односно за само 4 месеци, 5 милиони евра повеќе. За нас ова се средства кои што ќе бидат искористени очигледно за партиски вработувања.

Од друга страна дозволете ми да одговорам на лажната пропаганда која што ја шири Министерството за финансии и одредени медиуми дека се кратело на луксуз, се кратело на непотребни расходи. Ќ е ви прочитам триесетина ставки од кои што навистина реално се крати.

  • 23.600.000 денари помалку за Секретаријат за европски прашања,
  • 21.000.000 денари помалку за Секретаријат за спроведување на рамковниот договор,
  • 676.000.000 денари помалку за опремување и модернизација во АРМ, истата СДСМ која што велеше дека стандардите во АРМ се на најниско ниво,
  • 60.000.000 денари помалку за реформи во полиција, истата СДСМ која што ветуваше широки реформи во МВР,
  • 34.950.000 денари помалку за развој на туризмот, гранка која што го движеше вкупниот БДП на еконимијата во изминатите години, гранка кој што ќе доживее стангација заради новите економски политики на Владата,
  • 23.000.000 денари помалку за промоција и поддршка на туризмот,
  • 45.000.000 денари помалку за технолошки индустриски развојни зони, оние зони каде што се отворија над 22 илјади работни места во минатите 4-5 години,
  • 36.000.000 денари помалку за инвестиции во животната средина, ве молам имаме проблем со Тетово, имаме проблем со Струга, имаме проблем со Кавадарци, имаме проблем со референдумите југоисточна Македонија, имавме ветувања од СДСМ , но имаме намалување на средствата во таа сфера,
  • 49.000.000 денари помалку за канализациони мрежи и одводни канали, на само една година после хаосот што ни се случи во Арачиново, Стајковци односно Сингелич односно Ченто,
  • 10.000.000 денари помалку за заштита на водите,
  • 6.000.000 денари помалку за водовод и канализација за општините, во момент кога Арачиново и Велешта немаат вода за пиење, а ветуваа,
  • 40.000.000 денари помалку за изградба на плажи,
  • 2.500.000 денари помалку за прогноза, предупредување, информатика и техника во Управа за хидрометеоролошки работи, а се сеќавате минатата година колку дебати имаше во собранието дали навреме реагирала управатасо невремето што го имавме во скопскиот регион,
  • 100.000.000 денари помалку за финансиска поддршка на рурален развој, што значи ова? Сите оние мали проекти за изградба на водоводи и канализации и патишта по селата насекаде низ Македонија одеа преку оваа програма. СДСМ прави кратење на оваа програма. Нема повече ниту мали патчиња, ниту канализации, ниту водоводи, без разлика дали во тие села живеат Македонци, Албанци или други,
  • 12.396.000 денари помалку за градежни објекти од ставката  изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита, односно помалку за изградба и одржување на детски градинки. Минатата Влада отвараше многу градинкиоваа нова Влада очигледно нема намера да продолжи во таа насока,
  • 13.000.000 денари помалку за центри за социјална работа и завод за социјални дејности,
  • 3.000.000 денари помалку за установи за институционална социјална заштита на посебни категории на граѓани,
  • 28.000.000 денари помалку за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица,
  • 44.533.000 денари помалку за Универзитет Свети Кирил и Методиј,
  • 10.040.000 денари помалку за Универзитет Свети Климент Оридски Битола,
  • 21.840.000 денари помалку за Унивезитет Гоце Делчев- Штип,
  • 26.592.000 денари помалку за Универзитет Мајка Тереза,
  • 54.080.000 денари помалку за Универзитет за информатички технологии во Охрид, ова е истата СДСМ која што ветуваше развој на образованиет, инвестиции во образованието, подобрување на образованието,
  • 15.000.000 денари помалку за преведување и печатење на стручна литература, значи нашите деца нема потреба да учат од нови учебници од англиски, франциски, германски, можат да учат стара српско-хрватска литератураод седумдесетите,
  • 75.000.000 денари помалку за изградба на новите згради на ФИНКИ и ФФК,
  • 62.522.000 денари помалку за научни иститути во Република Македонија,
  • 5.000.000 денари помалку за научно – истражувачка работа,
  • 5.000.000 денари помалку за опремување лаборатории,
  • 20.000.000 денари помалку за проект за превод на книги од реномирани автори,
  • 25.000.000 денари помалку за изградба на основни училишта,
  • 8.000.000 денари помалку за реконструкција на основни училишта,
  • 15.000.000 денари помалку за изградба на средни училишта,
  • 7.000.000 денари помалку за реконструкција на средни училишта,
  • 105.240.000 денари помалку за изградба на училишни спортски сали во основни училишта
  • 155.000.000 денари помалку за изградба и реконструкција на студентски домови, истата СДСМ која што секоја недела одеше во студентските домови и даваше изјави дека таму е катастрофална состојбата,
  • 9.100.000 денари помалку за професионален развој на воспитно образвониот кадар ,
  • 31.000.000 денари помалку за спортски објекти предвидени во програмите за Млади и спорт,
  • 48.800.000 денари помалку за развој и имплементација на ИКТ,
  • 37.000.000 денари помалку за управа за заштита на културното наследство,
  • 9.400.000 денари помалку за Универзитет на Свети Климент кај Плаошник,
  • 4.000.000 денари помалку за публикација на најзначајните вредности на културното и природното наследство,
  • 166.500.000 денари помалку за заштита на културното наследство на Република Македонија,
  • 36.000.000 денари помалку за имунизација на населението,
  • 8.000.000 денари помалку за превентивни мерки за спречување на туберкулозата кај населението,
  • 58.000.000 денари помалку за обезбедување на инсулин за инсулино-зависни пациенти во Република Македонија,
  • 3.000.000 денари помалку за едукација на лекари и медицински персонал.

Е ова е вистинското кратење во Буџетот на Република Македонија од многу суштински и значајни сфери.

Но, затоа има зголемување на плати во агенција за разузнавање, во комисија за заштита на конкуренција, во државна комисија за жалби по јавни набавки, во регулаторна комисија , во државна комисија за одлучување по второстепени договорни услуги во Влада на Република Македонија, плати и надоместоци, патни и дневни расходи во повеќе министерства, за правда, за внатрешни, за надворешни, за одбрана, плати во Совет за јавни набавки, плати во Министерство за земјоделство,  во Агенција за поттикнување и развој на земјоделието, плати и надоместоци во државен  инспекторат и здравствен инспекторат. Значи сето ова е реалната слика на Буџетот. Се крати од реален инвестиционен, капитален дел од Буџетот, се зголемува во плати надоместоци и дневни и патни трошоци.

Затоа нашите пратеници поднесоа 706 амандмани од кои што првиот пакет околу 40 амандмани се однесуваат на проекти кои што ние сме ги ветиле во изборите, се дел од нашата програма и ќе се обидеме иако како опозиција во собрание да обезбедиме финансирање и реализација. Такви се проектитекои што предвидуваат финансиски средства за проектите рурални развојни зони, жртви на транзицијата, дополнителни средставна проектите Купи куќа за млади и Купи куќа, купи стан, бараме да се обезбедат пари за поддршка за претпријатија од преработувачка индустрија, зас субвенции за систем Капка по капка, за стипендии за средношколците, финансиски средства за отпочнување на прва фаза од автопат кичево-Гостивар, субвенции на печки на пелети, гасификација на Скопје, магистрален гасовод Скопје-Тетово-Гостивар, магистрален гасовод од Битола-Ресен-Охрид-Струга, обиколница Велес, ваучери за ИТ опрема за студенти, како и многу други големи и важни проекти за граѓаните.

Со овие стратешки амандмани кои што беа поднесени од нашите пратеници се бара Владата да обезбеди средства исто така и за обештетување на граѓаните по повод штетите кои настанаа од земјотресите во Охрид за кои што Владата не покажа никаква активност досега.

Вториот пакет се однесува на амандмани поднесени од нашите пратеници, но кој што се поднесени благодарение на барањата кои што доаѓаат од граѓаните кои што имаат локален и регионален карактер. Со овие амандмани бараме изградба и довршување на многу проекти кои што значат канализациони системи, водоводни системи, нови училишта, нови градинки, локални и регионални патишта, игралишта итн.

И третиот пакет на амандмани за кој што прв пат ве информирам исто така околу 300 амандмани, кои ги поднесуваме , а се амандмани кои што минатите години ги поднесувал СДСМ. Зошто го правиме ова? Заради тоа што СДСМ минатите години поднесуваше амандмани со кои што си тераше пропаганда. Значи нереални амандмани, амандмани со кои што ја замајуваа јавноста и даваа лажни ветувања. Каде и да отидеа  низ Македонија ќе речеа, ние мислиме дека мост кој што вреди 15 милиони евра, ама тие лошите пратеници од ВМРО и тие лошите министри од ВМРОне дозволуваат. На друго место ветуваа 30 милиони евра, на четврто 5 милиони евра, сите проблеми ги решаваа само им беше крив ВМРО-ДПМНЕ. Е сега заради тоа што тие се на власт, а ние сме во опозиција, ние не сакаме повеќе да бидеме криви  во очите на граѓаните, сакаме да помогнеме. Таквите амандмани кои што СДСМ ги поднесуваше, а оваа година заборави да ги инкорпорира во ребалансот на Буџетот и заборави да поднесе амандмани односно бројот на амандмани од СДСМ е нула, им помагаме онака како што самите побараа. Ние ги земавме тие амандмани поднесени од СДСМ, ние ги потпишавме, и ги пуштивме во процедура.  Оан за што зборуваше СДСМ до лани и што гласаше до лани, и оваа година ќе има шанса да го гласа.  Ако били искрени до лани, ги гласале, ги бранеле, ги образложувале тие амандмани, оваа година ќе треба од првиот до последниот сите 300 амандмани да ги изгласаат заради тоа што имаат мнозинство во Комисијата за финансирање и буџет. Доколку не го направат тоа, сами без да треба ние да им кажеме ќе докажат дека се што досега правеле било пропаганда, лага и измислица односно сите тие ветувања што ги давале на граѓаните биле само како ден побрзо да се допрат до власт.

 

 

 

 

20.07.2017 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа