ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за притвор за „Таргет“ и „Тврдина“ е скандалозна

 

ВМРО-ДПМНЕ како скандалозна ја оценува одлуката на Судот за одредување притвор за обвинетите во предметите „Тврдина“ и „Таргет“ на СЈО.

- Оваа одлука е скандалозна од причина што при носењето не биле земени аргументите на одбраната, туку е водена исклучиво според барањата и диктатите на СЈО. Оваа хајка во која сега директно се вклучи и судот е крајно тенденциозна и има за цел да изврши удар врз функционерите и самата партија ВМРО-ДПМНЕ. Ова сценарио има за цел да ги руши позициите на Македонија во пресрет на распродажбата на националните и државни интереси кои на големо ги подготвува Зоран Заев, рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ во денешната изјава пред Апелацискиот суд. 

Тој посочи дека Судот мора да работи по словото на законот и никако поинаку.

- Недозволиво е да потклекнува под партиско политичките притисоци на СДС и нивната испостава СЈО. Впрочем дека судот потпадна под ваквиот невиден притисок е и последната одлука за одредување на притвор спротивно на правните аргументи, рече Ѓорѓиевски.

Овој притисок е оркестриран, потенцира, дотолку повеќе што во него се вклучија и медиумите блиски до СДСМ кои сега креваат нова хистерија со барања за апсења. 

- Оваа хистерија е јасна, бидејќи немаат правни аргументи, брзаат да апсат. Јасно е дека притисокот на СЈО и СДС врз судовите ќе продолжи и понатаму. Затоа им порачуваме дека овие одлуки ќе бидат преиспитани, кога ќе дојде до промена на власта. Оваа антидржавна кампања на СДС и на Зоран Заев ќе дојде до својот крај многу скоро. Тогаш секој ќе одговара за своите постапки, вклучително и сите правосудни органи кои спротивно на законот носат одлуки, потенцира Ѓорѓиевски.

 

 

 

20.07.2017 - 11:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега